Со голем број млади дизајнери, манекени и големи очекувања, започна долго очекуваниот fashion weekend во Скопје. Годинава е преселен на сосема нова локација, попристапна и помодерна, во ново изградената катна гаража до Рамстор, во знакот на панк и гранџ стилот како тема оваа година.
Како по обичај, настанот започна со легендарниот ветеран во модата во Mакедонија, дизајнерот Никола Ефтимов. Препознатлив по внесување на свежина низ топлите бои измешани со антички мотиви, тој го стави акцентот на Венера како најголема инспирација за истакнување на женската убавина. Неговите креации ја истакнуваат љубовта кон уметноста, сексипилот и страста, сето тоа нагласено преку деталната рачна изработка.
Познат по своите разиграни ревии, моделите во ритмот на музиката ја чувстуваа публиката како огледало пред кое можат слободно да се однесуваат. Како негова долгогодишна пријателка во подготвките учествуваше и Лидија Минчев.
Со своја прва ревија синоќа на самото отворање се претстави и Сhic Undercover односно Бојан Илиевски. Тој ги покажа своите дисплинирани гламурозни кроеви кои би сакала да ги стави на себе секоја модерна девојка. Првиот ден од модниот викенд покажа дека може многу да се очекува во модната во блиска иднина од младите дизајанери во Македонија.
По Сhic Undercover следеше првата целосна машка ревија во Македонија организирана од Дизел – послободен и лежерен стил, каде се нагласуваше формата на машкото тело, а сепак сето тоа одведено на еден повисок степен во модата. Крајот на вечерта заврши со првата забава во склоп на модниот викенд каде можеа да уживаат сите љубители на модата.
Следните денови се закажани ревиите на Ирина Тошева, млада дизјанерка која веќе успеа да изгради претпознатлив стил зад себе и која се верува дека ќе изненади со својата нова колекција, поаѓајќи кон малку помрачниот момент на уметноста, наречена Memento mori, но и Олгица Георгиева со елегантната колекција Liberation.
Модниот викенд Скопје ќе трае до 30 октомври, а дел од настаните ќе се одржат и во Старата скопска чаршија и во Музејот на град Скопје.
Сара Миленковска