Во Ректоратот на УКИМ започна средбата меѓу претставниците на Студентскиот и Професорскиот пленум, МОН, Владата, универзитетскиот сенат каде треба да се дискутира за реформите во високото образование.
Ова е втора ваква средба, во ист состав, од почетокот на студентската окупацијата на универзитетите која беше направена поради револтот на студентите од измените во Законот за високо образование и воведувањето државен испит.
Како што јавува репортерката на Радио МОФ , за разлика од првата средба кога новинарите добија само кусо соопштение, овојпат Ректорот најави дека ќе даде изјава за дискусијата која се води зад затворени врати во салата на Ректоратот.
На средбата присуствуваат министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, заменик-министерот Спиро Ристовски и вицепремиерот Зоран Ставрески. Претставници на Студентскиот пленум се Стефан Видиков и Ивана Туфегџиќ, како и професорките Гордана Силјановска и Сузана Ќофкаровска од Професорскиот пленум. На средбата се присутни и студентската правобранителка Васка Бојаџи, како и претседателот на СПУКМ чиј мандат е истечен, Кирил Спироски.