Бебињата родени од 1 јануари 2025 година се дел од генерацијата Бета, нови генерациски групи кои ги опфаќаат оние родени од 2025 до 2039 година, според истражувачката компанија „Мекриндл“, пренесува Бизнис Инсајдер.
Според податоците на компанијата, генерацијата Бета ќе сочинува 16 отсто од светската популација до 2035 година, а многу нејзини припадници ќе го доживеат 22. век. Терминот „генерација Бета“ доаѓа откако основачот на компанијата, Марк Мекриндл, го воведе терминот генерација Алфа, кој се однесува на родените меѓу 2010 и 2024.
Генерацијата Бета, како и нивните претходници од генерацијата Алфа, ќе бидат под силно влијание на технологијата. Генерацијата Алфа веќе ги добија прекарите „деца на Ајпад“ или „стаклена генерација“ или „палец генерација“, но и скринејџери и дигитални домородци. Во истражувањата се вели дека за нив физичкиот и дигиталниот свет имаат ист облик, и често, тие имаат еднаков однос кон овие две стварности.
Исто така, често се споменува и зависноста од технологијата и создавањето на виртуелен идентитет, или „второ јас“ за себепретставување и комуникација кон светот, а генерацијата Бета ќе се соочи со уште поголемо влијание од вештачката интелигенција (ВИ) и автоматизацијата.
Според „Мекриндл“, животот на генерацијата Бета ќе биде дефиниран токму со ВИ и автоматизација, а општествените предизвици, како што се климатската криза и глобалните демографски промени, ќе ја обликуваат нивната иднина.
Родителите и дигиталната реалност
На родителите на генерацијата Алфа, но и нивните едукатори веќе им стана секојдневие и предизвик како да управуваат со односите на децата со технологијата и алатките за вештачка интелигенција, кои станаа сеприсутни од лансирањето на ЧетГПТ (ChatGPT) во ноември 2022 година.
Според студијата на Истражувачкиот центар Пју од ноември 2023 година, дури една петтина од учениците кои слушнале за ЧетГПТ ја користеле оваа алатка за да помогнат во училишните обврски.
Од друга страна, експертите често предупредуваат дека родителите и едукаторите треба да се трудат што подолго да ги држат децата подалеку од социјалните мрежи, поради влијанието врз менталното здравје. За ова веќе се огласи и директорка од Светската здравствена организација Наташа Ацопарди Мускат, која предложи државите да размислат за регулирање на телефоните и другите дигитални уреди, особено ова да важи за ограничувања според старост и за локации.
Генерално, светските дебати се водат од аспект на тоа како ефективно да се користат уредите и нивниот потенцијал, а истовремено тоа да не влијае врз едукацијата и здравјето, притоа, да се внимава да не се направи притисок врз младите дека им се одзема некое право.
Критики на генерациски ознаки
Употребата на генерациски ознаки исто така често е предмет на дебата. Претседателот на Центарот Пју, Мајкл Димок, предупреди во 2019 година дека овие категории треба да се користат како рамка за размислување за општествените промени, а не како поедноставени ознаки за разликите меѓу групите.
Генерацијата Бета како нова група дава увид во иднината на општеството, но предизвикува и прашања за тоа како да се одговори на сè поголемото влијание на технологијата и глобалните предизвици.
Преглед на генерациски групи во последните 100 години:
- Генерација Бета: 2025–2039 година
- Генерација Алфа: 2010–2024 година
- Генерација Зет: 1997–2009 година
- Милениумци: 1981–1996 година
- Генерација Икс: 1965–1980 година
- Бејби бумерс (Baby Boomers): 1946–1964
- Тивка генерација: 1928–1945 година