„Скопје мириса на кафе“ е мотото на вториот „Кофи Фест – 2013“ кој се одржува од денеска до 16 јуни. Целта на настанот е да ја подигне културата на пиење кафе, која е долго присутна во европската традиција и која со себе носи социјална димензија.
Според организаторот Валентина Гаџовска, годинава манифестацијата која се одржува во кафе бар АБЦ, ќе понуди четиридневна богата забавно-едукативна програма, со настани за сите генерации од најмалите преку учениците и студентите до пензионерите.
„Идејата на овој фестивал е на едно место да се соберат сите оние на кои кафето им претставува задоволство – производителите и дистрибутерите на кафе и опрема, како и на крајните уживатели. Во четирите фестивалски дена, покрај штандовите на изложувачите на кафе и чај, посетителите ќе можат да бидат дел од фестивалската бина која ќе биде центар за забава и едукација, преку презентации на нови производи, до натпревари на баристи, дегустации, афтер ворк забави, работилници наменети за најмладите, музичка програма“, вели Гаџовска.
Во рамки на првиот фестивалски ден ќе се одржи второто Државно првенство на баристи на Македонија, во организација на Здружението на бармени на Македонија и Кофи Академи (Coffee Academy). Посетителите на фестивалот ќе имаат можност да ја погледнат и изложбата на фотографиите од наградниот конкурс КАФЕ МАФЕ, пренесе МИА.
Истражувањата покажуваат дека Македонците навистина уживаат да пијат кафе и го идентификуваат ритуалот со дружење и уживање. Според Дарко Ангелески, претседател на Асоцијацијата на баристи на Македонија, и натаму во земјата најмногу се пие турското кафе, но се повеќе кон врвот се приближува и еспресото. На натпреварот на баристи, љубителите на кафе ќе можат да присуствуваат на презентација на вештините на подготовка на еспресо, како и на авторски коктели на база на еспресо.