Денеска и утре е првиот рок за упис на студенти во прва година на 23 факултети во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).
Според Конкурсот, за студиската 2023/2024 година слободни се 10.473 места. Од нив 5.074 се предвидени за редовни студенти финансирани од буџетот, 4.439 за редовни студенти со кофинансирање на студиите и 960 места има за вонредни студенти.
Најмногу слободни места оваа година има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), вкупно 1150, а по него следуваат Правниот факултет со 1055 слободни места и Природно-математичкиот факултет (ПМФ) со 1050 места.
На факултетите при УКИМ има можност да се запишат и странски студенти, за кои има утврдено број или процент од вкупниот број запишани студенти на одредена студиска програма.
Прелиминарната ранг-листа со резултати од успехот на кандидатите од средно образование ќе биде објавена на 4 септември. Приемните испити на факултетите каде што ги има ќе се одржат на 1 септември, а резултатите се очекуваат на 6 септември.
Конечната ранг-листа ќе биде објавена на 11 септември, а на 12 и 13 септември ќе се одвива запишувањето на кандидатите.
Вториот рок за уписи е на 18 и 19 септември, а третиот, каде што ќе останат слободни места, ќе биде на 28 септември.
Целиот Конкурс е достапен на следниов ЛИНК.