Општина Центар и Архитектонскиот факултет ја започнаа активноста за разработка на студентски визии за значајни локации во Општина Центар, информираше Општината.
„Студентски визии“ претставува континуирана соработка помеѓу Општина Центар и Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, официјализирана и преку меморандум за соработка во 2019 година, а и за оваа година најавени се заеднички стручно-образовни активности.
„Една од нив е соработката помеѓу вработените од Секторот за урбанизам при Општина Центар и наставниот кадар од предметот Архитектонско студио 5.2, под водство на професорите Анета Христова – Поповска, Михајло Зиноски и Мери Батакоја“, посочуваат од Општина Центар.
Оттаму додаваат дека преку студиската програма, студентите ќе се обучуваат за практична примена на знаењата од архитектонско проектирање на специфичните објекти од областите на административните згради и зградите за образование.
Од Општина Центар истакнуваат дека оваа година, локацијата на која ќе проектираат студентите е административна зграда, односно парцелата каде се наоѓаат бараките на Општина Центар.
„Покрај споделувањето на податоци, знаење, искуство, вработените од Секторот за урбанизам при Општина Центар ќе го стават на располагање своето професионално знаење со цел студентите да осмислат поквалитетен работен простор за вработените, поквалитетен простор за посета за странките и воопшто, поквалитетен јавен објект и јавен простор за граѓаните на Општина Центар и градот Скопје“, посочуваат оттаму.
Дополнително, студентите од Архитектонскиот факултет ќе имаат можност да продуцираат повеќе идејни решенија преку кои ќе може да се тестира капацитетот на локацијата за современ административен објект, паркирање, зеленило и други јавни содржини.
На денешната презентација, која се одржала во салата на Советот на Општина Центар, вработените и наставниот кадар им ги претставиле можностите и задачите на студентите, кои тие ќе ги имаат предвид.
Општина Центар преку Секторот за урбанизам и Секторот за комунални работи, уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина, веќе трета година остварува соработка со Архитектонскиот факултет и на наставниот предмет „Интегративно студио“, предмет кој се изучува во 9-тиот семестар.