Започна овогодишното издание на Конференцијата за социјален активизам „ENGAGE“ која се одржува во Куршумли Ан во Скопје, во организација на Радио МОФ и Младинскиот образовен форум (МОФ).
На „ENGAGE“ домашни и странски активисти ќе споделат знаења и искуства на теми поврзани со активизам, социјална промена, слобода на говор, животна средина и технологија.
11. издание на „ENGAGE“ во живо може да го следите на линкот во продолжение, како и на социјалните мрежи на Радио МОФ и МОФ.
Првиот дел од конференцијата е посветен на активисти од земјава и странство кои ќе ги споделат нивните знаења и искуства на теми поврзани со активизам, социјална промена, слобода на говор, животна средина и технологија. За време на регистрацијата диџеј сет ќе има „Бесниот витез“ – Дино Шкрињариќ.
Па така, публиката ќе може да ги проследи говорите на активистката Ана Чоловиќ Лешоска на тема „Чекор по чекор за климатски промени: од мали акции до големи дејствија“, Никола Велковски на тема „Од хоби до кариера – наративот на Ховитцер“ и Хамзат Лавал на тема „Барање одговорност од владите преку кампањи за застапување базирани на податоци“.
Новинарката Кристина Атовска ќе го сподели своето искуство од терен од војната во Украина, зборувајќи на тема „Известување од фронтот во време на војна“, додека новинарката Сашка Цветковска ќе говори за тоа „Како да раскажеме добра новинарска приказна“.
Марко Михаиловиќ од организацијата на „Европрајд 2022“ ќе зборува на тема „Формирање на патот кон прифаќање – предизвиците на ‘Europride 2022’“, додека главната уредничка на Косово 2.0 Беса Лучи ќе зборува за „Отфрлање на таблоизацијата на важни прашања“. Истовремено, културно интермецо ќе одржат „Инклкузивен хор“.
Публиката на овогодишното издание ќе може да учествува и на некоја од работилниците кои ќе започнат во 19 часот и 30 минути за цртање на облека, креирање алки и уметност преку стикери.
За крајот на настанот е предвидена и музичка програма. Свои диџеј сетови на затворањето на конференцијата ќе имаат „Double G“, „Indog“, Еми Ермилова и Мартина Пенева.
Во изминатите 10 години „ENGAGE“ стана еден од најголемите собири за поединци и заедници во земјава и тоа е единствениот настан за активизам кој е организиран континуирано секоја година.