Во Богданци денеска започнува јубилејната 15-та Меѓународна графичка работилница „Софија“, која е единствена од ваков тип во регионот, бидејќи на едно место ги собира студентите од завршните години на додипломски и постдипломски студии на факултетите и академиите за ликовни уметности од Балканот и пошироко, соопштија организаторите.
Оваа година во Богданци ќе учествуваат 11 графичари од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија. Организаторите посочуваат дека селекцијата на учесници ја прават академиите и професорите, кои избираат по двајца најдобри студенти, а дека нивното учество на графичката работилница е награда за постигнатиот успех за време на студиите.
„Ментор е професор Јохан Јотов од Националната академија за ликовни уметности во Софија, а асистент Сања Жигиќ од академијата во Нови Сад. Уметниците ќе работат во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат, пропустен печат, а делата ќе ги претстават на завршната изложба на 1 септември во Домот на културата ‘Бранд Петрушев’ во Богданци. Од основањето до денес, главен поддржувач на графичката работилница е Печатница ‘Софија’ од Богданци“, се додава во соопштението за настанот.
Претседателот на здружението Графичка работилница „Софија“ Богданци Виктор Семенпеев, вели дека графичката работилница веќе петнаесет години е место за средба на најталентираните млади графичари, точка на размена на искуства и идеи и средиште за творештво на многу уметници.
„Иако славиме мал јубилеј, годинава не добивме никаква поддршка од Министерството за култура. Сепак, тоа не нè поколеба во намерата да го задржиме континуитетот и високиот квалитет кој го негуваме една и пол деценија, по кој работилницата стана препознатлив културен симбол не само во Македонија туку и во регионот“, вели Семенпеев,
На графичката работилница „Софија“ досега учествувале повеќе од 200 уметници. Работилницата поседува фонд од околу 500 дела, а отворена е во текот на целата година.