Во Охрид започнува четвртата Школа за млади лидери под покровителство на претседателот Ѓорѓе Иванов. 40 учесници и 30 предавачи од Македонија, Европа и светот од 19 до 31 август ќе бидат дел од Школата која има цел да им се овозможи на младите да ги надградат и усовршат своите вештини, креативност и лидерски способности.
„Програмата на школата опфаќа предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични лидерски вежби. Целта на оваа школа е, пред се, да се стимулираат позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја. Школата е наменета за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат“, вели Гордица Каранфиловска, координатор на проектот.
Годинава на Школата учествуваат и двајца слушатели од Институтот за меѓународно лидерство на американскиот сенатор Џон Меккејн. На првиот ден од Школата свои предавања ќе одржат д-р Вацлав Клаус, поранешен претседател на Чешката Република и Н.Е. Цуи Живеи, Амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија. Свое обраќање ќе има и Иво Шлаус, претседател на Светската Академија на науки и уметности
Во изминатите три години на Школата учествуваа 115 млади луѓе и 70 предавачи, меѓу кои амбасадори, функционери од Европската Унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании, професори од реномирани светски универзитети. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, доказ дека се работи за жив проект, од кој постојано произлегуваат нови идеи и иницијативи.