Во просториите на Центарот за иновации на Македонски Телеком во Скопје, денеска започнува глобалниот хакатон – НАСА Спејс Аппс Челинџ 2015 (NASA Space Apps Challenge) на кој учесниците ќе имаат можност во период 48 часа да работат на предизвици поставени од НАСА.
Настанот кој ќе трае до 11 април, се случува на 135 локации во светот. Поради освојување на второто место на минатогодишниот натпревар на македонски тим, годинава Скопје е координатор на 10 локации : Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Загреб, Белград, Приштина, Тирана, Виена и Љубљана. Победничкиот тим од овие 10 локации ќе добие две бесплатни карти за учество на Pioneers Festival 2015, што се одржува во Виена.
Интернационалниот настан NASA Space Apps Challenge е дводневен хакатон на кој тимови низ целиот свет, соработуваат и се поврзуваат со јавно достапни информации со цел да дизајнираат иновативни решенија за глобални предизвици. За време на 48 – часовниот хакатон, учесниците ќе имаат можност да соработуваат со искусни ментори од техничките и природно-научните факултети. Во работата ќе им помагаат и претставници на компаниите и од ИТ индустријата.