Од денеска започнува меѓународниот настан „Game Jam Plus“, најголемиот маратон за развивање игри во светот, чија цел е преку процес на инкубација и акцелерација да овозможи најдобрите игри да станат пазарни производи привлечни за инвеститорите.
Проектот трае 9 месеци и им овозможува на млади студија за развивање игри и тимови од различни земји да се претстават меѓународно, да се сретнат со колеги, ментори, инвеститори и продуценти и преку тоа да добијат поддршка за нивните игри, објаснуваат од „Game Jam+ Macedonia“.
„Натпреварот има 6 фази, во кои се развиваат дигитални игри и истите се натпреваруваат на европско и светско ниво. Во Македонија ќе се одржи по втор пат со локација во старт-ап центарот Касарна Хаб Охрид кој е и организатор на настанот, заедно со здружението Тактус од Охрид и Даниела Спасовска од Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА, Скопје. Учесниците ќе може да присуствуваат физички или да се приклучат виртуелно од територијата на цела Македонија“, додаваат организаторите.
Во рамките на „Global Game Plus“ ќе се одржат два натпревари, односно едниот настан е класичен 48-часовен „гејм џем“ хакатон кој истовремено се случува низ целиот свет. На натпреварот се развиваат игри на исти теми, а победниците се избираат на ниво на Македонија, додаваат организаторите.
Најдобрите игри, односно една третина од игрите, организаторите на настанот велат дека продолжуваат во фаза на инкубација каде што ќе работат со ментори од меѓународни компании. Игрите во март идната година ќе се натпреваруваат на европското полуфинале во Лисабон, а понатаму и на глобалното финале во Рио де Жанеиро. Учесниците може да се регистрираат на следниов ЛИНК.
„Вториот натпревар е насловен ‘КРЕИРАЈ ИГРА ЗА ПЛАНЕТАТА’ и на учесниците им дава можност да се натпреваруваат за награда од 1300€ со тоа што ќе креираат игра за мобилни/паметни телефони на тема климатските промени и животната средина. Натпреварот е под покровителство на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје, a финансиски е поддржан преку проектот ‘Граѓанските организации во акција за климатските промени, финансиран од Владата на Шведска’“, велат организаторите.
За овој натпревар пак, заинтересираните може да се регистрираат на следниов ЛИНК.
Настанот „Game Jam Plus Macedonia“ се организира со цел преку подолг настан да се промовира развивањето на дигитални игри во Македонија и да се поддржат сите кои креираат или имаат желба да научат и да креираат дигитални игри.