Петнаесетото издание на МТФ „Скупи Фестивал“, ќе започне овој вторник, 7 септември, во Куршумли Ан. Фестивалската програма ќе понуди современи театарски текстови, културни текови преку прикажување на иновативни и прогресивни претстави – како во театарскиот израз така и во способноста да поттикнат критичко размислување кон општествените и социјалните предизвици.
Оваа година на фестивалот ќе гостуваат театарски групи од Македонија, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Словенија и Русија.
Во вторник, со почеток во 20 часот, фестивалот ќе биде отворен со претставата „+18“ од градскиот театар „Хади Шеху Ѓаковица“ од Косово.
„Претставата ве сместува во непознати околности. Соочувањето на два лика кои цело време се обидуваат да се најдат и да станат едно, ги фрла во темниот свет на животот. Обидувајќи се да излезат од „подземјето“, тие постојано нуркаат сe подлабоко, откривајќи свет кој не се разликува по нација, раса или религија. Тие често патуваат во „подземјето“, кое колку и да е атрактивно, е убиствено“, велат од организацијата.
Aвтор на текстот Давид Мамет, режисер на претставата е Ќендрим Ријани, а сценограф е Петрит Бакаљи. За костимографијата е задолжена Аљма Красниќи, а за музика Адурим Грезда. Улогите ги играат Еди Кастрати, Бујар Ахмети, Мирвете Куртиши, Алтина Кусари, Арбиес Комони, Влора Дервиши, Иљка Лота, Влера Пиља, Валон Паљаска, Бесфорт Бербери, Едмонд Хафизадеми, Еди Ѓакова, Мурадије Муриќи и Елида Шасивари.
Фестивалската програма продолжува во четврток, кога гостува театарот „Јолџу“ од Истанбул, со претставата „Венера во крзно“.
„Настаните во делото се сместени во магична атмосфера, напишана како фикција и привлекува внимание со своето изненадувачко финале, актерите влегуваат од улога во улога играјќи различни карактери“, велат од фестивалот.
Aвтор на текстот е Давид Ивес, режијата е на Ерсин Умут Гулер, за сценографијата е задолжена Озлем Каја, а музиката е на Туфан Дагтекин. Улогите ги играат Первин Багдат и Ерсин Умут Гулер.
Во петок, 10 септември, на фестивалот ќе гостува театарот „Вазраждане“ од Софија со преставата „Соба за Гости“.
„Маж и жена се фрлени во осаменос и со години градат, секој за себе, илузорни светови во нивната желба да компензираат за нескротливиот недостаток на човечка интимност.
Aвтор на претставата е Петер Турини, а режисер е Зафир Раѓаб. За сценографијата е задолжена Елис Вели, а улогите ги толкуваат Јана Рашева, Свејен Младенов, Бојан Ферадјиев и Виториа Николова.
Во сабота, на 11 септември во 20 часот ќе биде прикажана претставата „Крекање“, со гостување на „Народен Театар Тузла“. Адаптирана според текстот на античката комедија „Жаби“ од Аристофан, претставата се занимава со една од најстарите приказни во светот, а тоа е патување во задгробниот живот.
„Оваа комедија се занимава со проклетството и убавината на театарот, доведувајќи ги во прашање неговите сличности со самиот живот“, велат од фестивалот.
Aвтор е на текстот е Алмир Басовиќ, а режијата на Алеш Курт. За сценографијата е задолжена Сабина Трнка, а за костимографијата Весна Теодосовиќ. Музиката е на Златан Божуда, а улогите ги играат Синиша Удовичиќ, Елвис Јахиќ, Јасмина Дедиќ-Ибриќ, Недим Малкочевиќ/Хасан Сушиќ, Јасмина Ибрахимовиќ, Елмир Кривалиќ, Лука Спасојевиќ, Селма Гусинац и Самина Мујкановиќ.
Петнаесетото издание на фестивалот ќе заврши во недела, на 12 септември, со претставата „Пикасо и Ајнштајн во еден бар во Парис“ од театар „Метропол“ – Тирана.
„Претставата во центар ги става двата главни лика, познатиот сликар Пабло Пикасо и научникот Алберт Ајнштајн. Случувањата се одвиваат една октомвриска вечер во 1904 година, во време кога и двајцата генијалци се на работ до своите откритија. Ајнштајн, пред да ја објави својата теорија за релативност во 1905 година и Пикасо, пред да ги наслика „Дамите од Авињон“ во 1907 година. Во кафеаната тие имаат долга дебата за вредноста на генијалноста и талентот додека комуницираат со многу други ликови“, велат од фестивалот
Aвтор на текстот е Стив Мартин, а режијата е на Армела Демај. Сценографијата и костимографијата се на Френски Ѓераси, а музиката на Гент Руши и Лаура Хоџа. Улогите ги играат Роерд Точе, Клодијана Кецо, Амри Хасанљиу, Сара Кочи, Ердет Мирака, Силва Брахиматај, Ермир Хоџај, Силвио Госкова, Александар Конди, Бленди Арифи и Кристијана Додај.
МТФ „Скупи Фестивал“ и оваа година ќе има натпреварувачки карактер, а избрано жири ќе одлучува за најдобра престава на фестивалот. Жирито оваа година е составено од Тауланда Јупи, режисерка од Тирана, Аделина Марку и Елмазе Нура, режисерка од Приштина.
МТФ „Скупи Фестивал“ ќе се одвива во просториите на Куршумли Ан во Скопската чаршија, а ќе бидат запазени сите актуелни протоколи за заштита од коронавирусот.