Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека започнува организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, а пријавувањето за превентивен преглед ќе се врши преку веб-платформата skrining.mk.
Оттаму велат дека со организиран скрининг оваа година се опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немаат направено ПАП тест, а дека прегледот во рамки на овој скрининг за оваа возрасна група е бесплатен.
„Веб платформата skrining.mk е директно поврзана со системот МојТермин и матичниот гинеколог веднаш добива информација за пријавени пациентки, по што ги известува пациентките во кој термин е закажан прегледот. Согласно распоредот предвиден во планот за ПАП тестирање, матичниот гинеколог ги повикува жените информирајќи за точниот датум и час кога треба да се направи ПАП тестот“, соопштија од МЗ.
Целта на скринингот, од МЗ велат дека е да се зголеми опфатот на жени кои ќе направат преглед, имајќи предвид дека раната детекција и превенција на ракот на грлото на матката е еднакво важна и во услови на пандемија.
За оваа новина, „Мој термин“ во соработка со Националната комисија за рак на грло на матка изминатиот период интензивно работеле и за првпат на овој начин жените од предвидената група можат да се пријават да учествуваат во овој скрининг.
„Годинава се издвоени приближно 11 милиони денари за оваа потпрограма во рамки на Програмата за рана детекција на малигни заболувања. Препорака на СЗО е жените вклучени во скринингот да се поделени во три возрасни групи и тоа од 24-35, 36-45 и 46-61 година. Интервалот на спроведување на скринингот е 3 години се со цел да се опфатат сите овие возрасни групи“, додаваат од МЗ.
Ракот на грлото на матката е четврт најчест тип канцер кај жените во светски рамки, посочуваат од МЗ и додаваат дека во нашата држава во просек годишно заболуваат околу 150 жени од рак на грло на матка.
Апликацијата за пријавување е достапна на следниов ЛИНК.