Започнува процесот за изработка на новата Национална стратегија за сајбер безбедност

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска го означи официјалниот почеток на работата на работната група за изработка на новата Национална стратегија за сајбер безбедност за периодот 2024-2028 година.

Сајбер безбедноста е клучен аспект на националната безбедност и стабилност во ерата на рапидна дигитализација, рече Андоновски.

„Новата Национална стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучен документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на нашите капацитети во оваа област. Нашата визија е да создадеме безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување кое ќе овозможи непречен развој на дигиталната економија и општество”, истакна тој.

Зборувајќи за ризиците, но и за предизвиците, Андоновски потсети дека изминатиот период имаше зачестени сајбер напади врз критичната инфраструктура, како во земјава, така и во регионот.

Статистиките, како што рече, се загрижувачки, при што во 93% од случаите, надворешен напаѓач може да го пробие мрежното опкружување на организацијата, дури 43% од сите прекршувања се инсајдерски закани, било намерни или ненамерни, а во просек, само 5% од податоците на компаниите се соодветно заштитени.

„Немаме друг избор освен да градиме силна инфраструктура и да вложуваме во професионални човечки капацитети со кои дигиталната трансформација ќе се одвива што поефикасно и со што поголема отпорност“, нагласи Андоновски.

Во своето обраќање, министерот посочи дека целиот процес на изработка на Стратегијата ќе се води со највисоко ниво на транспарентност, а се планира да се организираат јавни консултации, работилници и дебати во текот на целиот процес, со цел постигнување на инклузивност во изработката на Стратегијата. Дополнително, тој истакна дека Стратегијата ќе се развива во согласност со принципите на ЕУ и НАТО, како и со меѓународните обврски на земјата.