Во рамките на платформата #EuropeanFilmChallenge_МК, денеска започнува филмскиот предизвик #WesternBalkansChallenge, за филмофилите од Србија и Македонија. Предизвикот е отворен од 14 јуни до 11 јули, а во тој временски период, учесниците ќе треба да изгледаат 4 филмови продуцирани или ко-продуцирани од држава од Западен Балкан на репертоарот во кино салите, во рамки на локалните филмски фестивали, на телевизија или пак на некоја од легалните видео – стриминг платформи.
За време на предизвикот, како што посочуваат организаторите, ќе бидат промовирани многу филмови кои ќе носат екстра поени, дополнителна адуио-визуелна содржина, интервјуа и игри што ќе му помогнат на победникот да освои најмногу поени и да отпатува во Белград на 14. Интернационален фестивал на документарен филм БЕЛДОКС 2021, кој се одржува од 9 до 16 септември.
„Официјално, #WesternBalkansChallenge започнува вечерва со специјалната проекција на филмот 18% Grey (2020) во Кино Фросина (МКЦ) во 20:30 часот во рамки на одбележувањето на Денови на Креативна Европа МЕДИА. Сите што сакаат да го проследат филмот ‘18% Grey’ вечерва потребно да направат резервација преку следниот линк. Филмот носи екстра 40 поени во #WesternBalkansChallenge“, стои во соопштението на организаторот.
Љубителите на филмот можат да се вклучат во предизвикот со регистрација, и да го следат на социјалните медиуми Фејсбук и Инстаграм.
Европскиот филмски предизвик е инаку иновативна дигитална платформа што ја поврзува најголемата заедница на љубители на европскиот филм и ја промовира европската кинематографија, додека проектот во Македонија го имплементира Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“.