Во Скопје, започна со работа новиот независен алтернативен театар „Отпишани“. Основачите велат дека целта на театарот „Отпишани“ е развој и афирмација на алтернативниот театар, дополнувајќи дека со својата работа, театарот ќе ја насочи и кон промоција на млади автори, режисери, уметници и актери.
„Театарот има за цел да придонесе за регионален развој на театарската уметност преку соработка со центри за култура од внатрешноста на земјата, промоција на македонскиот алтернативен театар на маѓународно ниво преку соработка и вмрежување со надворешни организации, како и популаризација на театарската култура како култура на живеење и активност за социјализација и еманципација на граѓаните“, велат „Отпишани“.
Основачи на новиот алтернативен театар се Марјан Анѓеловски, Јасмин Рамани, Ристе Мицевски, Сара Николовска, Ивана Стамевска, Петра Ивановска, Александар Јовановски, Елена Ѓорѓевска и Огнен Велевски, кои ќе бидат одговорни за програмата, продукцијата и репертоарот на „Отпишани“.
„Театар „Отпишани“ е крик на уметноста. Во ситуација кога културата веќе со години е затрупана со бирократија и институционална обременетост, верувам дека алтернативниот театар „Отпишани“ ќе придонесе кон враќање на театарот, културата и уметноста онаму каде што припаѓа, а тоа е поблиску да културните работници, авторите, уметниците, актерите и народот“, нагласува претседателот на театарот, Марјан Анѓеловски.
Од театарот информираат дека активно работат на две нови театарски претстави чија премиера ќе биде наскоро.