Овогодишното издание на фестивалот „Звукот на Скопје“ започнува на 27 септември во Кулпарк, пред Културно информативниот центар (КИЦ). Додека програмата со филмови и изложбите ќе се одржат во Салон 19:19 и галериите на КИЦ.
„Носечката манифестација на КИЦ ’Звукот на Скопје’ (до пред неколку години позната како ‘Звуците на чаршијата’, и оваа година ќе се случи во формат на летен фестивал на отворено на кој ќе настапат свежи и актуелни музички имиња“, информираат од КИЦ.
Во рамките на музичката програма ќе настапи овогодинешната победничка на „UpBeat – Best new talent award“ Зарина Првасевда и world music проектот Калевала (Dies Bona). Визуелниот дел од програмата се состои од три изложби низ галериите на КИЦ и проекција на филмови.
„Веќе знаете дека ‘Звукот на Скопје’ значи нов, летен, open air фестивал, кој прераснува во ново скопско музичко жариште. Значи и свеж здив во долгото скопско лето и заситување на културните потреби на скопската сцена, со современи музички збиднувања и разновидна културна понуда. ‘Звукот на Скопје’ е и простор каде на голема сцена ќе може да се видат и етаблирани, но и нови групи, а значи и промовирање на нови концертни локации во градот, оживувајќи ги во културен контекст“, додаваат организаторите на фестивалот.