„Заштедете на греење, носете топли џемпери и чорапи“, им порача холандската влада на граѓаните

Холандската влада ја повика јавноста да го намали греењето на своите домови со цел да се намали зависноста на нацијата од руските енергенти, пренесува „Н1“.

Термостатите со одлука на владата се намалуваат за два степени Целзиусови во институциите во Холандија како начин за намалување на потрошувачката на енергија.

Владата порача дека сака да даде добар пример, објави холандската новинска агенција „АНП“.

„Нашите сметки за енергија растат, мора да станеме помалку зависни од гасот од Русија и сакаме да се бориме против климатските промени“, соопшти владата во повикот до нацијата за воведувањето мерки за заштеда на енергијата.

Во новинските огласи и преку интернет кампањи, граѓаните се повикуваат да го подесат греењето во своите домови на максимум 19 степени Целзиусови.

„Облечете топла јакна или џемпер, чорапи и папучи“, е еден од советите на кампањата.