„Заспаната убавица“ ќе се изведе на 52. „Мајски оперски вечери“

Балетот „Заспаната убавица“, со музиката на Петар Илич Чајковски ќе се изведе на 15 мај со почеток во 20 часот во рамки на меѓународниот фестивал 52. „Мајски оперски вечери“.

Како што информираат од Националната опера и балет (НОБ), диригент на претставата е гостинот од Египет, Најер Нагуи, кореограф е Виктор Јаременко од Украина, асистент-кореограф е Тетјана Белецка од Украина, сценограф и костимограф е Миодраг Табачки од Србија, светло дизајн, Милчо Александров, концерт-мајстор, Јане Бакевски, соло виолина: Климент Тодороски, а соло виолочело, Кирил Јосифов.

„Во главните улоги ќе настапат балетските ѕвезди од Софиската опера и балет: Марта Петкова и Никола Хаџитанев, добитници на голем број на престижни награди и признанија. Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет“, велат од НОБ и додаваат дека балетската претстава „Заспаната убавица“ веќе 100 години се игра на најголемите светски сцени.