Критичко размислување, онлајн консумеризам, препознавање на дезинформации, предизвици на млади новинари и саморегулација на медиумите се дел од темите што до 15 ноември ќе бидат вклучени во Деновите на медиумската писменост.
Членките на Мрежата за медиумската писменост преку прес-конференција најавија дека во наредните недели преку мотото „Застани, размисли, провери“ ќе понудат низа различни настани, со кои земјава ќе се вклучи во осмата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.
„Убеден сум дека Деновите ќе станат традиционален начин за поттикнување на медиумската писменост во нашата држава, преку подигнување на свеста за нејзината важност, развивање на критичката свест кај луѓето и подобрување на нивното учество во општествените процеси како активни и глобални граѓани“, рече директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски.
Димитар Низамовски, извршен директор на Младински образовен форум, нагласи дека преку настаните се дава придонес на оваа важна вештина и способност.
„Особено младите луѓе треба да ја развиваат со текот на годините, доколку би сакале да бидат активни граѓани во едно демократско општество“, нагласи Низамовски.
Извршна директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, потенцираше дека поддршката и афирмацијата на медиумската писменост е добра можност да се испрати заедничка порака дека јавноста има клучна улога и влијание во давањето одговор на новинарското известување и во демистификацијата на новинарските практики.
„Секако и во констатирањето дали новинарството ја игра својата улога која се очекува од него, односно почитувањето на стандардите на професионалноста“, рече Тунева.
Моника Аксантиевска, програмска асистентка во Институтот за комуникациски студии, нагласи дека младите, особено средношколците со кои работат, се важна алка во општествените текови, па затоа е важно да се организираат отворени медиумски денови за да се запознаат со медиумскиот занает. Истовремено, ја истакна и потребата да се зборува за онлајн активностите на младите и онлајн консумеризмот.
Директорка на Македонски институт за медиуми и дел од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Билјана Петковска, кажа дека повторно се актуелизира темата – медиумска писменост и формално образование.
„Во Деновите, ќе разговораме и за процесот и предизвиците на кои сите треба да бидеме свесни, доколку државата одлучи со конкретни актувности да ја вклучи медиумската писменост во формалното образование“, рече Петковска.
На прес-конференцијата се обратија и претставниците Конеду Глобал, Фондацијата Метаморфозис, Институтот Охрид, ВЕЗ – Вредност за европско знаење, Лице в Лице, Македонска радио телевизија и Женската граѓанска иницијатива Антико, кои исто се вклучени во Деновите на медиумска писменост.
Инаку, во агендата на Деновите на медиумска писменост се разни вебинари, обуки, работилници и дискусии, ќе бидат презентирани резултати од истражувања, но и Саем за работата на Мрежата, која е оформена во 2017 година со моментално 53 членки од различни сфери.
Бојан Шашевски