Граѓаните и судските власти во Европската Унија се соочуваат со различни правно-обврзувачки текстови и постои голема опасност од создавање различни пристапи кон заштитата на нивните фундаментални права. Отсуствува и можноста граѓаните на Унијата да поднесат тужба во случај кога некоја ЕУ-мерка ги повредува нивните права. Овие недостатоци ќе бидат отстранети со пристапувањето на ЕУ кон Европската конвенција за човекови права, но се чини дека не е толку лесно за Унијата да дозволи друго тело да ја има супремацијата во преиспитување на нејзините акти и одлуки.
Идејата за пристапување на Европската Унија кон Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), без сомнение, претставува еден од големите европски правни проекти и значаен чекор во развојот на заштитата на фундаменталните права во Европа. Проблемот од кој произлегува неопходноста за пристапувањето на ЕУ кон ЕКЧП е постоењето на повеќе паралелни системи за заштита на фундаменталните права кои што генерираат конфузност, тензии и примена на различни стандарди во заштитата. Во моментов граѓаните и судските власти во ЕУ се соочуваат со различни правно-обврзувачки текстови кои што треба да се применуваат симултано, а кои до одреден степен имаат различни стандарди, структура и терминологија (нивното домашно право, ЕКЧП и нејзините протоколи, ЕУ правото – особено Повелбата на ЕУ за фундаментални права).
Точно е дека постои висок степен на консензус помеѓу европските и националните судови, како на пример случајот од 19 февруари 2013 кога ЕКЧП и Германскиот федерален уставен суд симултано ги признаа (и покрај тоа што со различно образложение) правата на истополовите парови, меѓутоа не секогаш е ова случај и постои голема опасност од создавање на различни пристапи кон заштитата на фундаменталните права што би се одразило негативно за грaѓаните на Европа. Исто така, отсуствува можноста граѓаните на ЕУ да поднесат тужба во случај кога некоја ЕУ-мерка ги повредува нивните фундаментални права. Сите овие недостатоци ќе бидат отстранети со пристапувањето на ЕУ кон ЕКЧП, кога сите ЕУ-институции ќе бидат обврзани да ја почитуваат Конвенцијата, што би ја зајакнало конзистентноста во заштитата на човековите права низ Европа, засилувајќи го хармоничниот развој на релевантната судска пракса на судовите во Стразбур и Луксембург.
И покрај тоа што навидум можеби овој процес на пристапување не влијае директно на Република Македонија како земја која сé уште не е дел од европското семејство, не треба да се заборави дека по нашиот влез во Европската Унија националните судии ќе мораат да судат не само врз основа на националното право, правото на Европската конвенција за човекови права туку и врз основа на правото на Европската Унија. Доколку пристапувањето на ЕУ кон ЕКЧП не би се случило, националните судии ќе се соочуваат со ситуации каде што заштитата на некое фундаментално право е различно уредена во овие два меѓународни системи, што би ги ставило судиите во тешка ситуација и би довело до правна несигурност кај граѓаните.
Чекор назад: Европскиот суд на правдата – блокатор на процесот
И покрај оптимизмот и позитивните коментари околу процесот на пристапување на Европската Унија кон Европската конвенција за човекови права, се чини дека сепак не е толку лесно за ЕУ да дозволи друго тело да ја има супремацијата во преиспитување на нејзините акти и одлуки. Успешноста на преговорите за пристапувањето кои завршија на 5 април 2013 со изготвување на драфт-договорот за пристапување навидум даде знак дека досега процесот на пристапување на ЕУ кон ЕКЧП е најблиску до тоа да стане реалност. И без сомнение тоа беше така сé до донесувањето на Мислењето на Европскиот суд на правдата (ЕСП) на 18 декември 2014 во кое Судот истакна дека овој драфт-договор за пристапување на ЕУ кон Европската конвенција е некомпатибилен со правото на Унијата. Негативното мислење како да ги освести и двете организации Советот на Европа и Европската Унија дека овој процес на пристапување и не е така наивен и бара внимателно и детално регулирање на односите кои по пристапувањето би ги имале и двата европски суда. Судот во мислењето истакна дека договорот за пристапување мора да обезбеди доволно гаранции дека пристапувањето нема да влијае врз надлежностите и овластувањата на институциите на Унијата како и врз специфичните карактеристики на правото на ЕУ, плашејќи се од загрозување на неговата автономија.
Јасно е дека негативното мислење претставува опасност за заштитата на човековите права и оттука е јасно дека преговарачите и изготвувачите на драфт-договорот за пристапување ќе мора повторно да седнат на преговарачка маса. Како и да е, пристапувањето не е тргнато од агендата на Унијата и се` уште претставува обврска од член 6 (2) од Договорот за Европска Унија. Неуспехот да се направи тоа би ја изложило Комисијата на опасност од покренување на постапка пред Европскиот суд на правдата за повреда на правото на ЕУ. Институциите на Европската Унија и натаму истакнуваат дека ќе продолжат да работат на пристапувањето, притоа имајќи го целосно предвид мислењето на Судот. Ваквите изјави се нагласени во работните програми на Комисијата и во 2016 и во 2017 година. Европскиот Парламент исто така истакнува дека пристапувањето на ЕУ кон Конвенцијата ќе претставува понатамошен чекор во процесот на европска интеграција и ќе испрати силна порака во однос на кохеренцијата помеѓу системите за заштита на човековите права на Унијата и Советот на Европа. Останува да видиме само како ќе биде решено прашањето околу позицијата на Европската Унија во системот на Советот на Европа по нејзиното пристапување и дали Стразбуршкиот суд ќе го има „последниот збор“ утврдувајќи ја компатибилноста на правото на ЕУ со Конвенцијата.
Постои ли простор за супремација на Стразбур врз Луксембург?
Фундаменталното прашање во овој процес за кое сé уште се дебатира е дали Луксембург ќе ги прифати одлуките на Стразбур како правно-обврзувачки и доколку да, како? Односот помеѓу пресудите на двата суда ќе биде израз не само на формалните и хиерархиските позиции на судовите туку и на моделот на дијалог помеѓу нив, доколку таков воопшто постои. Секако, јасно е поставено дека одлуките на судот во Стразбур во врска со предмети поврзани со ЕУ ќе бидат правно обврзувачки врз Унијата согласно меѓународното право. Како и да е, прашањето треба да биде подлабоко, односно дали одлуките од Стразбур ќе бидат правно обврзувачки и согласно самото домашно право на ЕУ?
Значаен одговор на ова е дадено во Мислењето 1/91 на ЕСП со кој судот во Луксембург воспоставува принцип со кој одредени одлуки на меѓународни судови стануваат правно обврзувачки на ниво на ЕУ доколку се исполнети два услови: прво, меѓународниот договор да е дел од правото на ЕУ и второ, меѓународниот договор да воспоставува сопствен судски систем со надлежност да дава интерпретација на неговите одредби. Европската конвенција за човекови права по пристапувањето на ЕУ ќе ги исполнува и двата услови неопходни за тоа. Оттука, ваквиот принцип ќе произведе големи последици врз односите меѓу двата суда. Ова ќе значи дека одлуките на судот во Стразбур ќе бидат задолжителни за ЕУ и за судот во Луксембург согласно домашното право на ЕУ, што ќе предизвика воспоставување на јасна позиција во хиерархијата помеѓу овие два суда. Односно, ова ќе го позиционира судот во Стразбур како највисока инстанца во однос на судот во Луксембург кој би бил пониска инстанца (секако, само во контекст на заштитата на фундаменталните права кои спаѓаат во опсег на надлежноста на Конвенцијата). Од друга страна, прашање е колку и судот во Стразбур самиот ќе сака да навлезе во директна оценка на Договорите на ЕУ имајќи го предвид неговиот принцип развиен во судската пракса (предметот Bosphous), дека Унијата ужива презумпција на „еквивалентна заштита“ на фундаменталните права како онаа на Конвенцијата, па оттука нема потреба да се навлегува во преиспитување на актите на ЕУ освен доколку не постои некој очигледен недостаток во таквата заштита.
Исто така, не треба да се заборави дека судот во Стразбур има пракса да навлегува во преиспитување на уставното право на земјите-членки потписнички на Конвенцијата, па оттука логички би било ниту Унијата да не биде исклучена од тоа правило и судот во Стразбур да може да ја испитува законитоста на ЕУ-договрите во однос на Конвенцијата. Ова сериозно би го довело судот во Стразбур на позиција на Уставен суд на Европа загрозувајќи ја позицијата на Луксембург во однос на неговата надлежност врз Договорите на ЕУ.
Очигледно е дека процесот на пристапување нема да резултира со успех доколку претходно преговарачите не дадат јасна слика за овие прашања дефинирајќи ги односите помеѓу двата суда. Постојат голем број на дебати и комплетно спротивставени мислења околу пристапувањето. Некои сметајќи дека двата суда ќе ги дефинираат своите односи по пат на дијалог, соработка и взаемна почит што ќе резултира со создавање на ефикасен и систем за заштита на фундаменталните права во ЕУ, а некои сметајќи дека нема да постои дополнителна придобивка за Унијата од ова пристапување и дека целиот овој проект на пристапување ќе изгуби на значење.
Што понатаму?
Крајот на преговорите не е толку блиску како што се предвидуваше на почетокот, меѓутоа кога во одреден процес има политички аспекти и кофликтни интереси „ништо не е готово, додека не е готово“! Во моментов, се разгледуваат решенија за повторно преговарање околу драфт-договорот за пристапување. Штом ќе завршат преговорите на новиот драфт договор, пристапувањето на ЕУ кон ЕКЧП исто така ќе зависи и од ратификација не само од земјите-членки на Унијата, туку исто така и од земјите пристапнички на Конвенцијата. Потребна е и согласност на Европскиот Парламент на договорот за пристапување (член 218(6) ДФЕУ).
Сите понатамошни фази бараат консензус и силна мотивација од страна на Европскиот суд на правдата, земјите-членки на ЕУ и земјите-членки на Советот на Европа. Негативното мислење на ЕСП ги потсети сите страни засегнати од овој процес за потребата од соработка и заедничко разбирање. Сега ЕУ е обврзана да прати силна порака за иднината на пристапувањето и за целиот процес на интеграција во врска со заштитата на фундаменталните права во Европа. Пристапувањето на ЕУ ќе создаде заеднички пристап кон заштитата на човековите права во Европа поставувајќи пример за националните судови и притоа обезбедувајќи им значаен водич за тоа како да се справат со заштитата на фундаменталните права. Ако двата највисоки европски судови можат да најдат заедничка формула за соработка и да воспостават меѓусебни канали за комуникација, тогаш истото може (и треба) да се случи со националните судови, со цел да се обезбедат гаранции за соодветна заштита на индивидуите и подлабока интеграција на европскиот континент.
Цената на интеграцијата, униформноста и солидарноста е висока и Европската Унија треба да биде подготвена да плати за тоа во форма на прилагодувања, отстапки и компромиси. Како што Роберт Шуман рекол во Декларацијата од 1950 година: „Европа нема да биде направена цела одеднаш или со еден единствен план. Ќе се гради преку конкретни постигнувања кои што најпрво создаваат de facto солидарност.“
м-р Ирена Цуцулоска
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.