Затворање на депониите „Буково“ и „Мауцкер“ бараат еко-активисти од Охрид

Граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ организираше информативен настан во центарот на Охрид, на кој уште еднаш потсетија на штетноста од нестандардните депонии и со проблемот на третманот и депонирањето на комуналниот отпад, јавува порталот „Охрид прес“.

Охриѓани побараа итно решавање на проблемот со депонијата „Буково“ и нејзино затворање, а од надлежните очекуваат да ги отпочнат процесите за изградба на регионалната депонија во Новаци, како и санација и затворање на депониите „Буково“ и „Мауцкер“.

Од иницијативата „Збогум Буково“ велат дека нивна визија е „Буково“ да биде место за пикник за идните генерации, наместо извор на загадување и срам за нашата генерација.

Иницијативата „Збогум Буково“ е поддржана од над 50 организации, месни заедници и голем број на граѓани. Неодамна, еко-активистите јавно побараа од Општина Охрид и општините од Југозападниот плански регион најитно да се договорат и вклучат во регионалниот систем за управување со отпад, да се надминат сите административни бариери и да се отвори регионалната депонија во Новаци, со цел да се заштити здравјето на над 50.000 граѓани.