Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје нема да работи следната академска година, јавува новинската агенција Мета. Комплексот ќе биде затворен во целост сè додека не се реновира.
Откако пред десетина дена се отселија сите студенти, се затвори и третата зграда, од каде и ќе почне реконструкцијата. Нема да функционираат ниту бараките, и покрај тоа што во овие објекти е исправно сè, ниту пак студентската менза.
Австриската компанија „Штрабаг“ која е избрана за да ги изведе градежните работи, веќе е сместена во овој студентски комплекс и се очекува да започне со работа.
Директорот на Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД Скопје), Виктор Велевски, за Мета.мк потврди дека домот се затвора целосно. На прашањето зошто се затвораат и студентските бараки кои се во функција, тој појаснува дека, поради градежните работи, ќе биде оневозможен пристапот до струја и вода со кој се снабдуваат овие објекти.
Овој студентски дом последниве години беше слика на лошиот студентски стандард, со појава на влага, протечени цевки во тоалетите, повремени поплави и појава на стаорци и инсекти.
Мета.мк неодамна пишуваше и за обраснатата трева во комплексот, која е плодна почва за појава на глодари и влекачи.
Во третата зграда и бараките во „Стив Наумов“, минатата учебна година беа сместени околу петстотини студенти. Министерството за образование и наука (МОН) сега треба да најде решение каде ќе ги овозможи овие згаснати капацитети.
Како можно решение, неофицијално, се најавува отворање на уште еден објект во студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ во населбата Железара, а неколку студенти може да бидат сместени и во непополнетите капацитети во ученичките домови во Скопје.
„Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе останат затворени уште најмалку 18 месеци, што значи дека пуштањето во функција најрано би можело да се случи со почетокот на учебната 2026/2027 година.
Долгонајавуваната реконструкција на „Стив Наумов“, како и на останатите државни студентски домови, предвидува замена на сите позиции – електрични и водоводни инсталации, енергетски ефикасни фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување и опремување.