Телевизија „Дожд“, последниот независен телевизиски канал во Русија, се враќа на екраните по повеќе од четири месеци пауза откако беа приморани да престанат со работа поради војната во Украина.
Телевизијата ќе продолжи да работи од Летонија, емитувајќи програма на нивниот Јутјуб канал, пренесе Би-Би-Си.
„Дожд“ беше блокирана од руските власти во март, само неколку дена по почетокот на инвазијата врз Украина. По ова, голем дел од вработените во медиумот ја напуштија Русија и започнаа да работат на обнова на телевизијата од странство.
Телевизијата продолжи да емитува програма од студио во главниот град на Летонија, Рига, вчера во 17 часот, а медиумот информираше дека добиле дозвола за работа од Европската Унија. Од „Дожд“ соопштија и дека во текот на есента, покрај од Рига, ќе емитуваат програма и од Амстердам, Париз и Тбилиси во Грузија.
Сепак, аналитичарите велат дека за пристап до телевизијата од граѓаните во Русија најверојатно единствен начин ќе биде преку користење на виртуелни приватни мрежи (ВПН).
Во март рускиот телекомуникациски регулатор ја блокираше Телевизија „Дожд“ поради тоа што ја нарекувале руската инвазија врз Украина како војна. Нешто претходно руските власти усвоија закон со кој се криминализира ширењето на „лажни информации“ за руската армија, меѓу кои и нарекувањето на инвазија со било кој друг збор освен официјалната верзија – „специјална воена операција“.
Регулаторите истовремено ги принудија сите независни или либерални медиуми да затворат или да се преселат во друга држава. Меѓу нив беа и популарните „Нова Газета“ и „Московско ехо“.