79 годишната Ненси Сегула, од американската држава Охајо, добила 10 дена затворска казна поради тоа што хранела улични мачки, за кои вели дека и` правеле друштво.
Сегула почнала да ги храни мачките пред две години кога тие биле оставени сами на себе, откако нејзините комшии се отселиле.
„Имаше 6 до 8 возрасни мачки, а сега доаѓаат и помали мачиња. Ми недостасуваат моите мачки. Тие починаа, мојот сопруг почина. Осамена сум. Па така кучињата и мачките ми помагаат“, рекла Сегула за cleveland.com, пренесува Индепендент.
Локалниот суд во гратчето Гарфилд Хајдс ја осудил Сегула на 10 дена затворска казна, откако претходно собрала парични казни во вкупна вредност од преку 2.000 долари, бидејќи во местото е забрането да се хранат бездомните кучиња и мачки.
Сегула вели дека не знаела за прописот во градот со кој се забранува хранењето на улични мачки.
„Мачките постојано доаѓаа во мојата куќа. Жал ми беше, па им давав нешто да јадат“, вели Сегула.
Синот на Сегула, Дејв Павловски, останал во неверување кога мајката му ја соопштила нејзината казна.
„Сигурен сум дека луѓето слушаат какви работи се случуваат во затворот. И тие ќе ја пуштат мојата 79 годишна мајка таму?“ вели Павловски.
Сегула треба да се појави на издржување на затворската казна на 11 август.