Бројот на регистрирани автомобили во Македонија бележи континуиран пораст секоја година. Со него расте и загадувањето кое директно го влошува здравјето на граѓаните, особено на децата. Автомобилите ја загрозуваат животната средина, но и безбедноста на улиците, која граѓаните ја побараа на три протести месецов. Иако нивното здравјето и безбедност се уставни приоритети, системот гледа низ призма на пари и на врвот од пирамидата на сообраќајното првенство ги става автомобилите, отстапувајќи им сѐ повеќе јавен простор.
За секое дополнително возило, дополнително се асфалтира. А, наместо асфалт, на државава ѝ се потребни одржливи автобуси, обновена железница, Правилник за вело-инфраструктура и негово спроведување; маалски, училишни, центарски и парк зони без коли; како и зеленила, клупи, чешмички и киосци место билборди. Ова се само дел од решенијата за проблемот, чиј корен е зависноста од приватните автомобили, смета Дарко Арсовски од еколошките организации „Гоу Грин“ и „НаТочак“.
„Овој асфлат, во форма на коловози или паркинзи, создава урбани топлотни острови. А, кога асфалтот го заменува зеленилото, водите од дождот и снегот, наместо да се насоберат во земјата, насочени се во сливници, одводи, преку канализација – до реките. Со зголеменото влијание на климатските промени, се зголемуваат и поројните дождови за кои моменталната канализација не е планирана и затоа се случуваат, пред сѐ, поплави, но и уништување на урбаната опрема“, објаснува Арсовски.
Зеленила на самата улица, стестување на коловозот, подигнати пешачки премини, лежечки полицајци и шикани ќе ги примораат колите да возат поспоро, вели, дури и да ги заобиколуваат маалата. Ова, пак, ќе ги ослободи жителите да пешачат и возат велосипед за да стигнат побрзо на посакуваната дестинација.
„Анализите покажуваат дека автомобилите пренесуваат помалку луѓе и со нив се стига поспоро споредено со пешачките зони. Ако младите, како и сите други граѓани, имаат функционална урбана инфраструктура, тие ќе ја користат. Пример за тоа е Гимназијата ‘Орце Николов’ до која има функционална велосипедска патека. Таму може да видиме многу повеќе велосипеди отколку во ‘Јосип Броз’ на пример, а особено во зоните вон градско подрачје каде воопшто нема вело-патека“, забележува тој.
Доколку се усвои Предлог-правилникот за вело-инфраструктура на „Гоу Грин“, ќе мора секоја наредна реконструкција или ново решение за каква било сообраќајница да има правилна пешачка и велосипедска солуција. Откако на крајот на минатата година Радио МОФ објави дека од Министерството за транспорт молчат за правилникот, сега таму веќе втор месец се работи на негово донесување, информира Арсовски. „Гоу Грин“ заедно со Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) и Републички совет за безбеден сообраќај на патиштата (РСБСП) формирале работна група, но додава дека во оваа фаза е прерано да кажат што значи тоа и што може да се очекува.
„Работите се движат со поспоро темпо од посакуваното“, истакна тој.
Градската автоцентричност, освен по узурпираните велосипедски и пешачки патеки од возачи „што се враќаат за 5 минути“, може да се мери и по бројот на возила. Не е тајна дека популарноста на колите расте, а на јавниот превоз опаѓа. Во главниот град лани имало 218.002 возило, од кои 184.646 се регистрирани патнички автомобили, што е скок за дури 50.000 за една деценија.
Она што дополнително загрижува кај македонскиот главен град е дека оние општини кои имаат најголеми сообраќајни проблеми, всушност имаат и најголема стапка на моторизација на жителите. Па така, токму во скопската општина Центар, која е и најмала по површина во Скопје и има најголем проблем со недостиг на паркинг места, во 2023 година биле регистрирани најмногу возила, и тоа 35.133 возила или за околу 8.000 повеќе во споредба од пред една деценија.
Урбаната средина е токсична
Автомобилите се причинители за повеќе од 200 токсични хемиски соединенија во урбаните средини каде, покрај зголемената емисија на ПМ честички, има зголемени емисии на многу токсични јаглеводороди, појаснуваат од „О2 Иницијатива“ за Радио МОФ.
„Ова се генотоксични, канцерогени и мутегени супстанции, многу опасни по здравјето на луѓето, особено децата. Граѓаните кои пешачат или возат велосипед покрај сообраќајниците, кои чекаат на пешачките премини, се најизложени на овие токсични супстанции. Особено изложени се децата, бидејќи овие емисии се испуштаат во висина на нивните лица и тие најдиректно ги вдишуваат“, децидни се од еколошката организација.
Меѓудругото, оттаму ја нагласуваат потребата од воведување зони на ниска емисија во урбаните средини каде може да се движат возила само од прва еколошка категорија, со одредени исклучоци, како и да се зајакне јавниот транспорт со ниски емисии.
Животот наспроти профитот
Една од темелните вредности на уставниот поредок на нашата држава е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Оттука, произлегува дека јавната безбедност, човековите животи и човековото здравје се државни приоритети, велат од иницијативата „Кој е следен?“, која се формираше по првиот спонтан граѓански протестен марш на кој се побара правда за трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова која на крајот на минатиот месец беше прегазена на „Партизанска“.
„Но, при планирањето, градбата и одржувањето на транспортните системи често преовладуваат конвенционални анализи и споредби на трошоци и придобивки, каде човековиот живот и човековото здравје се претставени како парична вредност. Затоа, за да се обезбеди јавна и сообраќајна безбедност, првично треба да се постави цел кон која ќе се стреми, а ќе биде заснована врз неприкосновеноста на човековиот живот и човековото здравје“, истакнуваат оттаму.
Планирањето ориентирано кон човекот, појаснуваат, се заснова на хиерархија со сообраќајно првенство на минување каде на прво место се пешаците, а потоа велосипеди, јавен превоз, лични превозни средства – мотори, скутери и автомобили и возила за достава.
„И, хиерархија на обезбедување на улици каде приоритет е отстранување и ограничување на автомобили како најголема закана, па потоа нивна замена со пешачење, велосипедизам и јавен градски превоз“, додаваат од „Кој е следен?“.
„Визија Нула“
Оттаму ја посочуваат стратегијата „Визија Нула“, меѓународна практика која се заснова врз хуманизацијата на просторот и, како што велат, покажала добри резултати во неговото унапредување низ целиот свет. Нејзината цел е да спречи сериозни повреди и смртни случаи од сообраќајни несреќи.
„Нејзиниот основен пристап е системско разгледување и делување на и во различните аспекти кои ја сочинувааат и подобруваат сообраќајната безбедност“, појаснуваат од иницијативата.
Според нив, клучните аспекти во кои треба да делува се намалувањето на дозволената брзина на возење до 30 км/ч, но и проектирање на патишта кои „простуваат“ грешки, така што дури и ако возачот направи грешка, последиците нема да бидат фатални. Ова, додаваат, може да се постигне преку поставување на огради, успорници и бариери, подигнување на пешачки премини и слично.
Граѓаните преку „Кој е следен“ бараат и спречување на возење под влијание на алкохол и/или дрога, испитување на таканаречените „црни точки“ во градовите, промени во правниот систем, како и воведување образовни програми за основните принципи на градското планирање и сообраќајна безбедност.
View this post on Instagram
Во најава е „Безбеден град“
Токму за ваквите проблематики периодов беше споменуван проектот „Безбеден град“, кој допрва треба да профункционира.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес истакна дека со системски пристап работната група составена од повеќе институции и експерти, утврдила дека се потребни промени на: Законот за безбедност на патиштата, Законот за прекршоци, Законот за возила, Кривичниот закон и Законот за извршување на санкции.
„Сите тие се клучни закони кои треба да претрпат измени за да создадеме функционално системско решение. Верувам дека со имплементација на овој проект во иднина целосно ќе ја промениме сообраќајната култура за целосно да се зголеми безбедноста во сообраќајот, за повеќе никогаш да немаме такви бројки како 142 жртви на сообраќајни несреќи годишно.“, потенцираше министерот Тошковски.
Со засилени сообраќајни контроли и зголемени број на регистрирани прекршоци за овој период од почетокот на годината досега, тврди тој, реално се намалени сообраќајките за 30% и сообраќајните незгоди со жртви за 60%, а „Безбеден град“ значително би ги намалував и овие бројки.
Инаку, полицијата од почетокот на февруари па до вчера (20 февруари) издала 18.132 платни налози за прекршоци во сообраќајот. Најмногу од нив биле за пречекорување на брзината на движење – 6.056, потоа непрописно паркирање – 4.213 и непоседување на возачка дозвола – 1.510.
Ангела Петкова