Од ноќеска на полноќ во Судан на сила стапи примирје кое го договорија двете завојувани страни во конфликтот која започна на 15 април, пренесе Би-Би-Си.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен соопшти дека армијата и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) се согласиле на 72-часовен прекин на воените активности по дводневни преговори, а примирјето го потврдија и двете воени крила кои се вклучени во конфликтот.
Досега во борбите загинале најмалку 400 луѓе.
По почетокот на борбите, жителите на главниот град Картум, каде се водат најжестоките воени активности, се предупредени да не ги напуштаат домовите, додека истовремено се намалува снабдувањето со храна и вода. Во бомбардирањата оштетени се делови од критичната инфраструктура, како што е водоводот, што принуди голем број жители да пијат вода директно од реката Нил.
Надежите сега се дека примирјето ќе овозможи цивилите да го напуштат градот, а странските влади започнаа да ги евакуираат нивните дипломати и државјани кои беа во центарот на жестоките битки во густо населените делови од Картум.
Вчера Блинкен информираше дека дел од конвоите кои се обидувале да евакуираат луѓе биле мета на грабежи. Тој додаде дека САД бараат начин да го продолжат нивното дипломатско присуство во Судан, но истакна дека условите за тоа во моментов се многу тешки.
Владата на Велика Британија, пак, соопшти дека денеска ќе започне да ги евакуира сите лица со британски пасоши и нивните најблиски членови на семејството.
Судан се соочи со прекин на интернетот во неделата за време на борбите, но поврзаноста потоа делумно се вратила според мониторинг организацијата „НетБлокс“.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека насилството во Судан може „катастрофално да распламне“ и да го зафати целиот регион и пошироко.
Се проценува дека повеќе десетици илјади луѓе веќе ја напуштиле земјата поради немирите.
Конфликтот е дел од долготрајната борба за власт во воениот врв на земјата. Предводниците на двете крила не се согласуваат по прашањето за транзиција кон цивилна власт во земјата. Судан е под власт на војската, по пучот во кој беше соборен од власт долгогодишниот авторитарен претседател, Омар ал-Башир во 2019 година.
Двете страни до конфликтот ја делеа моќта – генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, како де факто лидер на војската и државата и Мохамед Хамдан Дагало, кој е предводник на РСФ, како негов заменик.