Вчеравечер беа прогласени победници во League of Legends, последната видео игра во која се натпреваруваа играчите во рамки на „Autumn Gaming Month“, организиран од Македонската Е-Спорт Асоцијација (МЕСА).
Почнувајќи од 14 ноември, па се’ до 6 декември, македонските гејмери се натпреваруваа на најголемиот гејминг настан оваа година, месец исполнет со забава од дома, он-лајн дружба и одлични натпреварувања помеѓу најсилните тимови во државата.
Според организаторите, љубителите на гејмингот како и досега не потрфрлија, пријавите во скоро сите е-спорт дисциплини беа пополнети во првите 3 дена од нивното отворање, а гледачите дојдоа во рекордни бројки да ги проследат натпреварувањата во живо.
„Исклучително сме горди од организираното, во уникатно време кога пандемијата предизвикана од Ковид-19 вирусот зема се посилен замав создаваме безбеден он-лајн простор за забава, натпреварување и дружба за сите љубители на видео игрите. ‘Autumn Gaming Month’ беше најголем гејминг настан оваа година, а во контекст на гледачите достигнавме нови рекорди на преносите во живо, овие рекорди се споредливи со бројките од поголемите балкански земји кои имаат поразвиена гејминг сцена како и поголем број на жители“, изјави Константин Пејоски, претседател на Македонската Еспорт Асоцијација.
Дополнително, вели тој, во текот на изминатите месеци МЕСА стана и член во Балканскиот еспорт сојуз, па, според него, ова заедно со поддршката од гледачите дома докажува дека се на прав пат.
Од почетокот на оваа година почнаа со организирање на индивидуални турнири, по кои следеше гејминг викенд, а сега стигнаа и до гејминг месец во само една година постоење.
„Го пополнивме просторот во македонската гејминг сцена кој беше празен со години а тоа е континуираната организација на турнири во разни еспорт дисциплини. Константната интеракција помеѓу играчите, гледачите и организаторите создава уникатна гејминг заедница каде сите засегнати страни целат кон една иста цел. Македонската гејминг сцена одлично ја затвори оваа година, МЕСА и нејзините членови се особено горди што играа огромен дел во нејзиното постоење и унапредување“, вели Пејоски.
Во текот на овој настан, кој траеше цел месец играчите се натпреваруваа во 6 различни видео игри и тоа: Fortnite (14 и 15 Ноември); Clash Royale (18 Ноември); Counter Strike Global Offensive (20 до 22 Ноември); Шах (25 Ноември); Dota 2 (28 и 29 Ноември) и League of Legends (4 до 6 Декември).
„Како и во светски рамки, во последните неколку години гејмингот во Македонија и во рамки на Балканот доживува огромен подем. Енормната бројка на гледачи кои ги следат овие натпреварувања година за година руши рекорди, а со Ковид-19 пандемијата веќе се искачи на ново порано недопрено ниво. Се очекува еспорт публиката до крајот на 2020-тата година да се искачи до 500 милиони гледачи, а самата индустрија да биде вредна околу 1.3 милијарди долари“, соопштуваат од МЕСА.