Заврши ревизијата и кратењето испитни програми за државната матура

Заврши процесот на кратење на испитните програми за државната матура, информираат од Бирото за развој на образованието. Но, тие до овој момент се уште не се истакнати на веб-страницата на Државниот испитен центар. Радио МОФ не успеа да добие одговор кога скратените програми ќе бидат јавно достапни.

Кратењето на испитните програми е резултат на работната група која беше формирана пред еден месец откако Сојузот на средношколци постигна договор со надлежните во однос на полагањето на матурата. Во неа членуваа четири професори од гимназии и стручни училишта во различни градови кои Сојузот ги номинираше преку своето членство, како и нивен претставник-матурант.

„Можеме да кажеме дека сме задоволни од страна на соработката. Јавноста знае дека многупати наидовме на препреки, но се радуваме дека политичката волја на премиерот успеа да ги убеди образовните власти дека мора да најдеме компромис. Веруваме дека токму затоа уживаме успешна соработка која веќе донесе и ќе донесе бенефити за оваа генерација матуранти. Ќе се осигураме дека секоја точка – секоја од нашиот договор е исполнета“, велат од Сојузот на средношколци за Радио МОФ.

Сите матуранти кои ја полагаат државната матура требаше повторно да ги регистираат своите испити. Од Државниот испитен центар беа подготвени нови формулари и пријави. Ова значи дека имале можност да ги полагаат комплетно истите испити или пак да полагаат целосно различни предмети, појаснуваат од Сојузот.

Од БРО посочија дека најголем дел од учениците ги пријавиле истите матурски испити, бидејќи тие се тесно поврзани со нивниот избор на студии.

„Соработката со Сојузот на средношколци беше успешна и во насока на заокружување на напори за успешно полагање на матурските испити“, велат од БРО за Радио МОФ. 

Од бојкот до компромис

Второто полугодие од оваа учебна година започна со бојкот на матуранти во повеќе градови, поттикнат од Сојузот, кои се противеа на моделот на кој се полага матурата.

Тие бараа наместо четири предмети за матура, да се полагаат само два предмети, односно задолжителен мајчин јазик и предмет по избор на ученикот. Сојузот достави и предлог-закон до Собранието за изменување и дополнување на Законот за средно образование.

На крај, по долго натегање, Сојузот и Владата постигнаа договор да се полагаат два екстерни и два интерни предмети. Истовремено, дел од решението е, наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и прашањата најдоцна три недели пред денот на испитот, а тие да содржат најмалку 60 и најмногу 100 прашања.

Полагањето матура годинава официјално ќе започне на 5 јуни со мајчиниот јазик, а на 11 јуни ќе се полага математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика. Aвгустовска испитна сесија, пак, ќе започне на 11 август со полагање мајчин јазик, а на 13 август ќе се полага математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика. Сите испити ќе започнуваат во 10:00 часот.

Е.П.