Седумдневната програма на шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ од 20 до 26 јуни, донесе 30 долгометражни и кратки документарни филмови од светската и македонската документаристика, три музички работилници, изложба на фотографии со наслов „Ехо“, повеќе од 40 гости, шест сесии разговори „Под смоквата“, три дебати иницирани од филмови во фестивалската програма, четири премиери на македонски документарни филмови, три вечери со музика изведена во живо во раскошниот амбиент на Куршумли-ан.
Фестивалот го затвори аргентинскиот документарен филм „Танцувајќи со Марија“ со изведба во живо на музиката од филмот, а заедно со композиторот и пијанист Лука Цуит настапија Бојан Илковски (виолина), Симон Поповски (виолина), Марко Виденовиќ (виола), Паскал Краповски (виолончело), Иван Бејков (бас), Катерина Бачевска (флејта) и Тони Китановски (гитара).
Претходно беа реализирани работилниците „Музичко интро“, која донесе шест музички парчиња за воведната секвенца на немиот филм „Човекот со филмска камера“ (1929) од Ѕига Вертов компонирани од Владимир Мартиновски, Мауро де Мартино, Дуке Бојаџиев, Филип Митров, Роботек Горан Роботековски и Михајло Михајловски, потоа Работилницата за ритам која донесе нова музичка подлога за филмот „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ од 1931 година, а на креативната работилница за деца и млади беа произведени многу нови музички инструменти од овошја, зеленчуци и други природни материјали.
Наградата „Кромид“ за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма ја доби документарниот филм „Погледот на тишината“ од Џошуа Опенхајмер.
Според Комисијата во состав Томас Балмеш, Лејла Дедиќ и Едоардо Фракија, филмот е „апсолутно режисерско ремекдело – фантастична камера, приказна, монтажа, кастинг и драматургија. Филмот ги исполнува сите критериуми за документарен филм и поседува огромна трансформативна моќ која може да направи многу не само за индонезиското општество, туку и за општеството во една поширока смисла на зборот.“
Режисерот Џошуа Опенхајмер испрати порака со која изрази благодарност до екипата, публиката и комисијата за доделување на наградата на фестивалот „МакеДокс“.
„Навистина сум почестен од ова признание. Точно пред 50 години започна индонезискиот геноцид и, за жал, ужасно е што сѐ уште трае. Угнетувачите сѐ уште имаат моќ низ земјата и ги плашат луѓето низ Индонезија. Неодамна двеста возрасни преживеани беа нападнати од разбојници додека се обидуваа да ги комеморираат ужасите. Независно од тоа уште колку треба да се направи, јас сум горд што нашите два филма ’Чинот на убивање‘ и ’Погледот на тишината‘ поттикнаа народна дебата која говореше за страшната историја – место каде царува тишината“, истакна во својата порака Опенхајмер.
Жирито одлучи да му оддаде Посебно признание на филмот „Спартанци“ на Никола Вадимов: „Филмот е пример за одлична режија и монтажа. Ни прикажува добро избран главен карактер и заедница која најчесто е претставена како негативна и проблематична. Филмот дава надеж и ги руши овие стереотипи.“
Наградата ја прими монтажерот на филмот Жан-Даниел Шнајдер, кој беше гостин на фестивалот „МакеДокс“.
Комисијата во состав Бурхан Ѓун, Ева Стефани и Пабло Ферро Живановиќ, едногласно го избра „Танцувајќи со Марија“ како најзаслужен филм за наградата „Млад Кромид“.
„Наградата се доделува поради силната визуелна експресија која ја прикажа уметноста на танцот, музиката и филмот сплотувајќи ги и креирајќи еден свет паралелен со оној на авторот. Овој свет нам ни беше успешно доловен, делувајќи реалистично и мистично во исто време“, образложи жирито за наградата „Млад кромид“.
Наградата ја примија композиторот и пијанист Лука Цуит и продуцентот Миха Чернец, притоа изразувајќи благодарност за гостопримството и прекрасните моменти поминати на „МакеДокс“ со потсетување дека дел од музиката за филмот е снимен во Скопје.
Наградата „Кокарче“, според одлуката на младото жири, ја доби „Во подрумот“ на Улрих Зајдл. Комисијата во состав Дамир Никшиќ, Миха Задникар и Елена Христова ја додели Награда за филм со најдобри етички идеи на „Семејна работа“ од Ангелики Аристоменопулу.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е основан во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност. Главните три цели на „МакеДокс“ се едукација на млади филмофили, ширење на етичките идеи и придонес во одржувањето и развојот на човековите права.