Завршната групна изложба на програмата „Артс хаб“ насловена „Во постојано движење“ ќе се одржи во петок (21 јуни) од 12 до 22 часот во Културниот центар „Јадро“.
„Во рамки на оваа програма беа поддржани 5 колаборативни и партиципативни проекти, кои на изложбата ќе бидат претставени преку селекција од дела и траги од креативните процеси реализирани во периодот 2023/24 година“, велат од „Јадро“.
На изложбата ќе бидат претставени проектите „Преосмислување на урбаните простори: проект за јавни тоалети во Скопје“ на Озбер Ајваз, „Вештини за оживување“ на Клелија Живковиќ, „Одржливи заедници“ на Никола Узуновски, „Драгославија“ на Тодор Трпевски, Дарио Дончевски и Зорица Зафировска и „Кадри на ранливост“ на Наташа Неделкова, Миле Неделков и Амир Карахасан.
„Настанот ќе започне со мал хепенинг во кој Никола Узуновски ќе подготвува храна користејќи го методот на соларна кујна, а изложбата ќе може да се погледне во текот на целиот ден“, додаваат од организацијата.
Инаку, програмата „Артс Хаб“ се реализира со финансиска поддршка на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.