Дегустација на вкусна храна, предавања, вечерни забави- викендов се одржува првиот вегански фестивал во Македонија. Почнува во сабота напладне во клубот Ла Кања во Старата чаршија. Минатата година фестивалот беше вегетеријански, годинава организаторите одлучија да одат еден чекор напред и да презентираат храна која е направена исклучиво од растително потекло.
Мотото на фестивалот е „Револуција која почнува во твојата чинија“, а целта на Скопје Вегефест е да покаже дека во Македонија има вегани и луѓе кои се стремат кон ненасилство, свет без дискриминација и здрав живот, но и да го промовира веганството како филозофија на живеење.
Во рамките на годинешната програма е планирана и презентација на филмови, аниматори, вежби, натпревари, вечерни забави.
Годинава за првпат во рамките на фестивалот им се дава 5 дневен ВЕГАН Предизвик на учесниците. Имено, почнувајќи од денеска, најупорните кои следните пет дена ќе ги поминат јадејќи само веган храна и тоа го докажат преку своите фотографии од дневното Веган мени, ќе бидат наградени.
Награди ќе има и за фотографија. Како што е назначено во повикот за учество на Фото -натпреварот, поканети се сите фотографи-аматери да прават фотографии на тема – веганство како начин на живот. Најдобрите од нив ќе бидат изложени на фестивалот и ќе се продаваат по симболична сума.
„Преку Вегефест сакаме да ја доближиме филозофијата на веганството, движење кое од ден на ден расте и рапидно се засилува, а кое како основен постулат подразбира исклучување на било каков облик на искористување на животните (за храна, облека, обукви, забава, спорт) и изнаоѓање на хумани, здрави, еколошки прифатливи алтернативи на живеење“, велат организаторите.
Како организатори на Веге Фест годинава се Здружението за заштита на животни „Анима Mунди“ и Здружението за заштита на животната средина „Terra Floria“.