Здрава котлина најавува серија протести против рудници на Југоистокот

Здружението „Здрава котлина“ најавува серија протести против рудници на Југоистокот, незадоволни од  одлуката на Управниот суд со кој се поништи одлуката на Второстепената комисија за одбивање на дозволата за експлоатација на концесионерот на рудникот Иловица Штука, Еуромакс Ресурси. Протестите започнуваат во сабота, 20 јуни, во 11:00 часот  во Струмица.

Мапа на протестот

„Владата и Министерството за економија ги видоа аргументите и со право ја одземаа конесијата на Еуромакс Ресурси согласно законите, иако ги трпеа 4 години повеќе од што законите максимално дозволуваат. Судиите во Управниот суд очигледно имаат намера ова да го поништат и сите нас да не осудат на бавна смрт. Во судскиот систем во Македонија има голем број на судии кои право седат но криво судат. Време е да се сменат системите кои се подложни на висока корупција и носат криво насадени пресуди кои имаат краен ефект на бескруполозно труење на народот за сметка на високи профити на инвеститори.

Ние воопшто немаме намера да седиме мирно и да чекаме што некој ќе ни пресуди па затоа подготвуваме материјали од правна природа што ќе ги доставиме до Министерството за економија и Јавното Правобранителство. Исто така ќе ги притиснеме политичките партии што преку парламентот и судскиот совет ги поставиле овие корумпирани судии за да си играат со судбината на 200 илјади граѓани во Југоисточна Македонија. Кога можеле судиите во Управен суд да решаваат во вонредна состојба поради итноста за проблемот, тогаш да не бидеме лицемерни и да одиме до крај со истата таа итност“, стои во повикот за протестот.

Тие оставаат рок до 13 јули, последниот ден пред да почне предизборниот молк, за Вишиот управен суд да го реши ова прашање.

„Ако дотогаш Вишиот управен суд не донесе пресуда со која се укинува пресудата на Управниот суд за поништување на решението на Второстепената комисија за одбивање на дозволата за експлоатација на концесионерот Еуромакс Ресурси, ние последниот ден пред да почне предизборниот молк ќе објавиме архиви со документи и целосно аргументирано ќе ги разобличиме и жигосаме СИТЕ ПОЕДИНЦИ ОД СИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ НА СИТЕ НИВОА кои изминатите години брцнале во коруптивниот мед на Еуромакс во замена за политичко влијание во корист на отварање на рудникот. Напоменуваме дека ги има од двете партии и се доста познати јавни личности. Ќе им помогнеме на граѓаните да увидат и разберат какви политичари им се нудат за избор и што тие (не)направиле и (не)придонеле за сегашната катастрофална ситуација со екологијата во државата, а притоа брцнале во медот“, соопштија од Здрава котлина.