Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица на 1 април поднесе кривична пријава против актуелниот градоначалник на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, поради, како што велат, сериозни прекршувања на законите и загрозување на животната средина и јавниот интерес.
„Пријавата, составена на 125 страници и поткрепена со обемна документација и технички докази, се темели на конкретни факти и укажува на организирано и систематско кршење на законите од страна на градоначалникот и негови соработници. Оваа постапка е ветена од здружението веднаш по првите граѓански протести и особено по растечката репресија, која кулминира со поднесување кривични пријави и приватни тужби против граѓани за објави на социјални мрежи, како и со злоупотреба на јавната функција и оневозможување на јавни услуги. Ниту еден избран функционер не е над законот — и ова треба да биде пример за сите“, истакнуваат од „Здрава котлина“.
Како што велат оттаму, во процесот на обезбедување на докази биле откриени нови индиции за дополнителни незаконски дејствија. Затоа, од здружението информираат и дека во наредниот период ќе бидат поднесени нови кривични пријави за најмалку две сериозни кривични ситуации.
Исто така, од еко-здружението бараат и: Вонредна и целосна државна ревизија на работењето на општина Ново Село — со посебен акцент на финансискиот и урбанистичкиот сектор, архивирањето и правниот промет; Поддршка за граѓаните кои се подложени на притисоци и нарушување на нивните права од страна на градоначалникот како носител на јавна функција и неговиот татко како соучесник во извршените нелегални дејства; и Расветлување на злоупотребите што ги трпат сите кои не се согласуваат со политиките на градоначалникот и неговото блиско опкружување.
Главните аргументи за поднесување на пријавата кои ги посочуваат од „Здрава котлина“ се издавање дозвола за леарница за алуминиум, лажно класифицирана како лесна индустрија (Г2), иако реално претставува тешка загадувачка индустрија (Г1.3), со што е загрозена изворската вода за Ново Село, реката Струмица и животната средина во близина на с. Самуилово; како и фалсификување документи, компјутерски измени и прикривање информации од јавен интерес.
Исто така, Божинов е обвинет и за репресија врз вработени, советници и активисти – преку мобинг, преместувања, тужби и инспекциски контроли; ангажирање фирма чиј сопственик е неговиот татко и сомнителни авансни позајмици во повеќе трансакции над 500.000 евра пред издавање на фалсификуваната градежна дозвола – што укажува на судир на интереси и можно перење пари; и оневозможување јавен увид и јавни документи, укинување на преноси од седници – прекршување на транспарентноста и правото на учество на јавноста во процесот на носење одлуки поврзано со јавниот интерес за забрана на Г1 тешка загадувачка индустрија на помалку од 5 километри од населено место или заштитено подрачје.
„Овие дејства претставуваат тежок облик на злоупотреба на службената положба, со реални последици по здравјето, безбедноста и правата на граѓаните“, велат од струмичкото здружение.
Според нив, она што денес се случува во Ново Село е опасен пример на локална диктатура, киднапирање на граѓанската волја од еден човек и неговиот татко, прикриена зад административни процедури и насилна тежина.
„Животната средина, водата за пиење, здравјето на децата, законитоста и транспарентноста – се директно загрозени. Молчењето нема да не спаси. Акцијата, солидарноста и пријавувањето на неправдата – ќе не ослободат“, истакнуваат од „Здрава котлина“, апелирајќи до граѓаните да не молчат пред неправдата и
сите сознанија, сведоштва или документи поврзани со злоупотреби, корупција или притисоци да ги пријават до надлежните институции или преку здруженија кои се борат за јавниот интерес.
Исто така, од здружението праќаат апел и до вработените во Општина Ново Село, порачувајќи им да не потпаѓаат под притисоци за незаконски постапки.
„Добивме детални информации и материјални докази за тоа како во општината се работи надвор од законот, со закани и под присила. Обезбедувањето на документацијата е веќе завршено и прекасно е за секаква интервениција на прикривање. Секоја понатамошна вмешаност може непотребно и сериозно да ве доведе во правна одговорност“, велат оттаму.

Фото: „Здрава котлина“