На форумот кој вчера се одржа во организација на Здравје пред профит и Институтот за комуникациски студии под наслов „Шанса за Скопје“ беа презентирани податоци и проекти, а најмногу внимание за архитектите привлече гостинот од Софија која ја води Визија за Софија, но е и директор на бирото за Урбанизам при град Софија. Тој ја престави Визијата за Софија, но и начинот како низ дијалог и анализа на податоци се планира развојот на градот, со вклучување на сите институции, но и граѓаните кои ги дефинираат насоките водени од своите секојдневни потреби во живеењето, соопштуваат од иницијативта Здравје пред профит.
Имајќи предвид дека во минатото со соседна Бугарија сме имале многу сличен систем за урбано планирање, од иницијативата велат дека искуствата од соседите се применливи и прифатливи и за нас.
„Во панелот за алтернативни можности за финансирање на општините, исклучително беа интересни податоците изнесени од експертите од НАЛАС и Светска банка. Бројките покажуваат застарен и нефункционален систем кој слепо се држи за средствата од комуналии/такси за издавање на градежни дозволи. Добро финансиско управување значи и зголемен степен на демократија на локално ниво и поквалитетни услуги за граѓаните. Податоци постојат, искуства од соседството и ЕУ исто така. Храбри политички одлуки за скалест принцип на данок на имот со примерот на Робин Худ моделот од Шведска каде побогатиот и поимотниот плаќа повеќе е алтернативно решение кое беше споменато“, се вели во соопштението на Здравје пред профит.
Од таму потенцираат дека сите напори мора да се насочени за да почне системот полека да се менува како би дошле до одржлив систем на општините.
„Во овој панел исклучително интересно беше излагањето на Аце Коцевски, градоначалник од Велес кој со години успешно се справува со предизвиците на мал град. Пред аудиториумот тој даде поддршка за храбрите одлуки на Општина Центар, како што е Мораториумот, мерка која ја покажа спремноста за квалитетни промени и реформи. Претседателката на Антикорупциска комисија зборуваше за определбата на нашата земја за борбата против корупцијата, против спрегата на политичка моќ и бизнис интересите.
Вториот панел ги прикажа предизвиците за изработка на детални урбанистички планови кои ќе бидат алатки за квалитетен живот на граѓаните. Се изнесоа реалните проблеми со изработка на неквалитетни планови и планови кои не се темелат на податоци и анализи, на интегриран пристап и неусогласеност во легислативата. На овој панел се презентира и Визијата за Софија, како потстрек за надминување на состојбите и начините за работа кај нас“, велат од иницијативата.
Последниот, трет панел ја отвори темата за мемориските пејсажи на градот и нивната важност за почита и љубовта кон него, но и алармантната состојба со здравјето во условите во кои живееме.
„Се дискутираше и за зеленилото и позитивно неговото влијание кон здравјето на граѓаните, но и негрижата која ја покажуваме кон него. Деканот на Шумарскиот факултет кажа колку многу и почвата е важени неделив дел од градот и живиот свет во него. Во заклучокот се апелираше да се грижиме и да ја консултираме стручната фела при изборот, негата и одржувањето на зеленилото, да го чуваме културното наследство, но да ги следиме и емоциите кои градот ги буди. И покрај веста за времената мерка на Мораториумот што ја донесе Уставниот суд предходниот ден, присутните на Форумот се сложија дека Шанса за Скопјеима, дека граѓаните стојат зад оваа одлука, дека нивниот глас мора да се слуша, но дека е потребна храброст и политичка воља и од повисоките власти. Алармот е запален, граѓаните бараат власта да го препознае нивниот повик и да реагира. Здружението стои отворено за соработка со сите свои капацитети и контакти“, констатираат од Здравје пред профит.