„Здраво млади“ по 14 пат утрe во МКЦ

На денот на Народното востание на македонскиот народ, 11 октомври со почеток од 19 часот ќе се случи 14 издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“ во организација на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Програмата предвидува 17 различни музички артисти од 6 земји од Европа.

„Оваа година, програмата претставува вистинско изобилство од музички артисти кои пленат со своите настапи во живо, претставувајќи сериозна музиќка разгледница од светот“, велат од МКЦ.

Во рамките на програмата селектирана од младата издавачка куќа и колектив „Гола планина / Мртов коњ“, публиката ќе има можност да ги чуе младата дарквејв артистка „Ата“ од Македонија, енергичните „Klotljudi“ од Србија, дрон/фолк артистот „Стој, после!“ од Македонија, панк-рок изведувачот „Dimish“ од Македонија, инди составот „Zanadu“ од Македонија, психоделичните „Vagina Corporation“ од Македонија, како и диџеите Пепи и Шабан.

„Оваа година, МКЦ оствари тесна соработка со Холандската амбасада во Скопје каде со нивна организациска и финансиска поддршка, како и поддршка од партнерите од европската мрежа ‘Liveurope’, ќе се реализира музичката програма насловена како ‘Liveurope & NL’ селекција“, информираат од МКЦ.

Во неа, публиката ќе ги проследи настапите на иновативните „Velocity made good“ од Холандија, експлозивното трио „Housepainters“ од Холандија, соло проектот „Идем“ од Хрватска, панк изведувачот „Tandara“ од Хрватска, како и полските џез експериментатори „Kosmonauci“.

„Во соработка пак со холандската издавачка куќа ‘Yugofuturism’, ‘Здраво млади’ ќе го угости интензивното нојз трио ‘Texoprint“ од Холандија, андерграунд нојз-поп сензацијата ‘Søwt’ од Холандија, кантавторката ‘Eerie Wanda’ од Холандија и Хрватска, како и диџеј сет на независниот промотер, агент и менаџер на издавачката куќа ‘Yugofuturism’, Кун Хенге или диџеј Vikendica“, најавуваат организаторите на фестивалот.

Свој диџеј сет ќе има и резидентниот диџеј на Здраво Млади уште од своето прво издание, Диџеј Фиц од Ирска.

Влезот е слободен. Програмата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, Холандската амбасада во Скопје и мрежата “Liveurope”.