„Здраво Скопје“ е интерактивен водич за едно незаборавно Скопје – од минатиот век до денес, со сите негови препознатливи локации, култни места и урбани легенди вредни за раскажување. Наменет и за млади и за стари, за носталгичари, туристи и истражувачи кои сакаат да го запознаат вистинскиот дух на Скопје.
Книгата беше промовирана денеска во Градскиот парк кај мечето.
Таа е дело на авторското дуо Кокидо, зад кое се потпишуваат Александра Шаровиќ-Атанасовска, автор на наградуваниот концепт ПланУМ, и Ружица Мандичевска-Руки, една од најзначајните македонски илустраторки. Авторките моментно живеат и работат во Белград и Лондон.
„Овие стотина возбудливи страници се мала временска машина која ќе ве однесе на емотивно патување низ градот и минатото на скопјани“, вели авторското дуо.
„Здраво Скопје“ содржи интерактивна мапа која ги води туристите до сите најзначајни градски локации. Рубриките, пак, ги претставуваат духот и обичаите на градот.
„Главната идеја за овој проект произлегува од отсуството на пишан материјал за богатата историја на градот, особено за деца. Преку „Здраво Скопје“ младите генерации, на забавен и креативен начин, ќе го запознаат Скопје и ќе научат зошто е град што се сака“, вели уметничкото дуо Кокидо.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.