Откако Независниот синдикат на здравствени работници вчера информираше дека во четврток излегува на предупредувачки протест за повисоки плати, од Министерството за здравство денес со став дека можностите и буџетот не дозволуваат покачување.
„Оваа година два пати веќе се покачуваат платите на здравствените работници. Еднаш во првата половина на годината се покачија за 2.000, 2.500 и 3.000 за три различни групи здравствени работници. Сега на 9 октомври имаше ново покачување од 10%, плус договорена е исплата на регрес на крајот на годината. Сепак, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе“, велат од Министерството.
Оттаму уверуваат дека одржале средба со претставници на Синдикатот каде им образложиле зошто не е можно да ги исполнат нивните барања. Од Синдикатот на вчерашната прес-конференција потврдија дека се сретнале со претставници на Министерството на 5 октомври.
На состанокот ги претставиле барањата зголемување на платата за 30% на сите здравствени работници и адиминистративно-техничкиот персонал , ревидирање на колективниот договор, зголемување на инфективниот додаток од 1 на 4 проценти, трансформација на персоналот којшто е вработен со договор на дело на неопределено време.
„Нашите барања беа разгледани, меѓутоа конкретен одговор нема, има само еден предлог за зголемување на платите за 15% само на медицинските сестри, со којшто ние не се сложуваме и затоа ќе продолжиме да се бориме за зголемување за 30%“, изјави Кристина Олевска од Синдикатот.
Лазар Костовски, претседател на Независниот синдикат за геријатрија изјави дека со Министерството разговарале и за преименување на работните договори од определено на неопределено време.
„Овие што се само под договор почнаа да го губат здравственото осигурување. Затоа што има лимит во текот на една година од 200.000 денари и ако го надминат тој лимит, автоматски го губат здравственото осигурување што го добиваат преку Агенцијата за вработување. Сите оние средства што ги имаат земено над тие 200.000 треба да платат данок од 48% за да им се врати осигурувањето. Станува збор за 241 вработен во здравство нивниот договор да се трансформира од определено на неопределено, нема промена во финансиите, само менување на договорот. Не се сложни, немаат слух, не станува збор веќе за Министерството за здравство туку во Министерството за финансии, тие не се сложуваат тие 241 вработен да добијат нормален договор за работа на неопределено време“, рече Костовски.
Ги спомена и вработените во психијатриските болници, кои како што рече покрај што го изгубиле правото на инфективен додаток, сега им е скратен и додатокот за отежната работа. Костовски посочи и дека дел од психијатриските центри немаат сопствено стражарско обезбедување.
Предупредувачкиот протест е закажан за четврток (19 октомври) кога од Синдикатот ги повикуваат сите здравствени работници за време на паузата од 10:30 до 11 часот да излезат и протестираат по своја желба или да останат на работните места и да не работат. Ги повикаа и возачите на возилата за брза помош во 10:30 да ги вклучат сирените и ротационите светла.
За ваков чекор се решиле за пациентите да не почувствуваат дека нешто се случува, туку власта да може да ги слушне.
Во здравствениот сектор моментално има 22.000 вработени кои бараат повисоки плати, или како што кажаа од Синдикатот, плата со која здравствените работници ќе може да го поминат тековниот месец.
Независниот синдикат на здравствените работници своите барања до Министерството ги достави уште во септември кога и најави дека ќе следуваат протести.
Ангела Бошкоска