Здравствената заштита и економско-социјалната стабилност се најважните теми од интерес на општата популација што живее во земјава, а преземањето специфични активности за подобрување на квалитетот на живот е клучна мотивација за луѓето да станат општествено и политички активни.
Ова го покажува сеопфатната анализа за „Влијанието на демографските фактори врз учеството на граѓаните во јавниот живот и едукацијата на гласачите во Северна Македонија“, дел од проект имплементиран од ИФЕС и НМСМ.
Анализата покажува дека речиси 71% од испитаниците не се заинтересирани за поактивно граѓанско учество, додека 52% сметаат дека како граѓани не можат да имаат значително влијание во нивната општина. Дополнително, 47% е „многу“ или „донекаде заинтересирана“ за тековните општествено-политички случувања во земјата и светот, а 53% од граѓаните „воопшто не се“ или „не се многу заинтересирани“.
„Пандемијата со Ковид-19 котира највисоко меѓу општествено-политичките прашања од интерес на сите демографски групи, но во принцип граѓаните најмногу се засегнати за прашања кои влијаат врз квалитетот на животот и непосредната околина, како што се здравствената заштита, економската и социјалната стабилност, локалните проблеми, животната средина и образованието“, стои во анализата.
Според истражувањето кое беше спроведено во периодот од 30 јули до 31 август на национален репрезентативен примерок од 1.497 граѓани, 56% од општата популација наведува дека гласа редовно, 20% често, 12% понекогаш, 6% обично апстинираат, додека 4% редовно апстинираат од гласање.
„Кај сите демографски групи се забележува општа негативна перцепција за гласањето на избори кои за нив меѓу другото се синоним за ‘празни ветувања’, ‘лоши изборни кампањи’, ‘политички притисоци’ и ‘непотребно трошење пари’. Истражувањето покажува и дека различни демографски групи сѐ повеќе се одлучуваат да не излезат на гласање поради незадоволство од политичките партии во земјата кои според нив не се заинтересирани да одговорат на потребите на граѓаните“, се додава во анализата.
Воздржувањето од гласање, како што се наведува во анализата, според испитаниците е начин на изразување разочараност и револт против политичките партии, како и казна за неостварените ветувања.
Во меѓувреме, таму се наведува и дека телевизијата останува главен извор на информации за речиси половина од општата популација, односно 49%, додека, пак, социјалните медиуми биле посочени од страна на 14% од популацијата. Потоа следат веб- порталите со 13%, како и пријателите и семејството кои со 8% се посочуваат како главни извори на информации за граѓаните во врска со изборите.
„Наодите и препораките од истражувањето имаат за цел да придонесат кон подобрување на ефективноста и ефикасноста на кампањите за едукација на гласачите и подигање на свеста за важноста од учеството во општествено- политичкиот живот и граѓанскиот активизам кај општата популација, особено кај помладите, жените и лицата со попреченост како и сите останати ранливи групи“, се наведува во соопштението на ИФЕС.
Целата анализа, како и препораките се достапни на следниот ЛИНК.