Десет мрежи на здруженија на граѓани денеска одржаа протест и прес-конференцијата пред Собранието, каде повикаа на итен избор и именување на кадар во повеќе институции и тела од Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Пред да се распушти законодавниот дом, невладините организации од пратениците побараа неодложно да изберат директори на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Агенција за слободен пристап до информации од јавен карактер, Државниот завод за ревизија, програмскиот совет на МРТВ, Советот на Агенцијата за медиуми, Судскиот совет и надворешниот механизам за граѓанска контрола врз полицијата при Народниот правобранител.
„Повеќе од четири месеци немаме тела за еднакост. Односно, граѓаните немаат каде да се обратат да побараат заштита од дискриминација во приватниот и јавниот сектор“, рекоа организациите.
Тие додадоа дека неколку пати се обратиле до пратениците, но безуспешно – немаат никаков одговор зошто се пролонгира изборот на кадар во собраниската комисија.
Меѓу другото, забележаа дека со институции без кадар, а кои вршат констрола на трошењето на јавните пари, како и правото на пристап до информации, ваквата ситуација остава значајни ризици во борбата против корупцијата.
Позади оваа иницијатива стојат десет мрежи на здруженија на граѓани кои заедно обединуваат околу 100 здруженија и иницијативи кои активно работат на унапредувањето и заштитата на човековите права.