Земјоделците од Здружението за опстанок на земјоделските производители во Србија „Иницијатива“ утре планираат да готват гулаш за студентите во Нови Сад во знак на поддршка на протестите и не планираат да се откажат без оглед на предупредувањето од Безбедносно-информативната агенција (БИА) дека ќе им бидат одземени тракторите доколку со нив тргнат до градот. Ова го изјави Милан Богуновиќ, член на Управниот одбор на здружението, известува Н1.
Земјоделците планираат да почнат да готват оброци за студентите во 9 часот и 30 минути во кампусот, веднаш до ректоратот во Нови Сад.
Богуновиќ истакна дека синоќа им се јавил претставник на БИА и ги предупредил дека ќе им ги одземат тракторите, иако земјоделците планирале да одат во Нови Сад само со пет до десет трактори и да не го блокираат сообраќајот.
„Тракторите се регистрирани, технички исправни и осигурани, па не знаеме по кој основ би можеле да ги одземат“, рече Богуновиќ.
Тој додаде дека земјоделските машини се основно средство за работа и дека не гледа причина да им бидат одземени.
„Државата бара од земјоделците да бидат дигитално писмени, да побараат помош од адвокат, како што ќе направат во овој случај, а не е доследна во исполнувањето на своите обврски“, истакна Богуновиќ.
Тој, исто така, изјави дека намирниците за гулаш за околу 1000 студенти ќе бидат донирани, како и дека денеска за ручек ќе добијат јагнешко месо.
Претседателот на „Иницијатива“ Горан Филиповиќ, пак, рече дека во моментов барањата на земјоделците се во втор план, а поддршката за студентите е во прв.
„Моментално само даваме поддршка на студентите, нашите барања се во втор план“, рече тој.
Земјоделците од повеќе здруженија, меѓу кои и „Иницијатива“, бараат смена на министерот за земјоделство Александар Мартиновиќ, претседателот на Собраниското одобрение за земјоделство Маријан Ристичевиќ и премиерот Милош Вучевиќ.
Заедничкиот протест на студентите, земјоделците и граѓаните е најавен за во недела, 22 декември, на плоштадот Славија во Белград.
View this post on Instagram
Инаку, студентите во Србија продолжуваат со блокадите, а со штрајк им се придружија и просветните работници. Денеска повторно во повеќе градови во Србија се одржа акцијата „Застани, Србијо“ со која им се оддава почит на загинатите при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Исто така, се поголем број средношколци ги поддржува студентите, иако тамошното Министерство за образование објави дека зимскиот распуст ќе започне од 24 декември.
Дополнително, иницијативата „Мостот останува“ (стариот Савски мост) соопшти дека ја блокирале улицата Таковска, на што им се приклучиле работници на Радио-телевизија Србија (РТС).
Истовремено, учениците во Шабац денеска влегле во општинската полиција за полицајците да ги вратат транспарентите кои им ги одзеле.