Северна Македонија нема централна и унифицирана национална служба за интервенирање и асистирање на планина. Единствената 24 часовна служба – Планинската спасителна служба (ПСС) делува локално во рамки на Црвениот Крст во Охрид, на ниво на проект. Слични тимови на волонтери кои работат на ова поле има на повеќе места.
Кога се работи пак за државните тимови, нив ги има при Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и се лоцирани во Тетово, Битола и Штип. Оттаму тврдат дека ја покриваат целата територија на земјава, додека помали тимови има и во Армијата и Министерството за внатрешни работи. Сепак, за да се подобри целиот систем кој во моментов, меѓудругото е зависен од волонтери и активисти, здруженијата сами оформија Национален сојуз за планинско спасување.
Кога се работи за случај кога е потребно спасување на планина, интервенцијата на институциите кои располагаат со одредени тимови и ресурси, во сите случаи во минатото е задоцнета, смета Антонио Додевски од ПСС Охрид.
Во моментов кога се работи за проблем на планина, тој треба да се пријави на телефонскиот број за итни повици – 195, во Центарот за управување со кризи. Оттаму велат дека во зависност од ситуацијата ги контактираат надлежните институции како МВР, ДЗС, Армијата или планинарските тимови и служби.
Додевски посочува дека во земјава има служби кои останале по инерција од стариот систем, како противпожарните служби и службите за итна медицинска помош, и смета дека по ист принцип треба да се формира и национална планинска спасителна служба. Преку нивната служба тој вели дека се мобилизираат во 10-тина минути и излегуваат на терен, посочувајќи дека тоа е разликата помеѓу 24 часовна служба на готовс, наспроти тимовите кои се екипираат само ако има повик.
Затоа, со цел да се имплементираат истите стандарди од Меѓународната комисија за алпско спасување (ИКАР) за сите спасувачи од здруженијата во земјава тие заедно со уште неколку други партнер организации од земјава формираа Национален сојуз за планинско спасување. Истовремено, целта преку сојузот е и да се организира националната планинска спасителна служба.
„Исто така целта е Националниот сојуз во иднина да прерасне партнер во државата на ова поле, по примерот на Хрватска, каде што ќе ја дефинира, односно ќе ја организира националната планинска спасителна служба, со регионални и локални станици во оние градови, населени места каде што има потреба. “, вели Додевски.
За Дирекцијата за заштита и спасување системот е функционален
Дирекцијата за заштита и спасување кога се работи за спасувањето на планина оперира со три тимови кои се наоѓаат во Тетово, Битола и Штип, и со ова според нив се покриени регионите како што е поделена државата, односно, таму каде што има најмногу фреквенција на луѓе, односно движење на луѓе по планини.
Оттаму, како што велат за Радио МОФ, преку повик за соработка преку целата година привлекуваат тимови со кои соработуваат. Лицата кои се во таквите тимови не се вработени во ДЗС, односно дирекцијата само ги најмува, а тие според Законот за заштита и спасување се должни да излезат на терен кога дирекцијата ќе го побара тоа.
Истовремено тие додаваат и дека ад-хок може да се организираат и други тимови кои би реализирале такви задачи во случај да има потреба.
Единственото нешто што може да се подобри според нив е доопремување на службите и допрецизирање на ингеренциите на Министерството за внатрешни работи, Државниот завод за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, брзата помош и организациите.
Одржливоста на охридската служба сведена на проекти
Планинската спасителна служба во Охрид постои од 2002 година, која до 2018 година работела како единица за спасување на планини и непристапни терени. Генералната разлика по 2018 година е што ПСС сега работи како служба, која е достапна 24/7 за асистенција на граѓаните, а ги опфаќа териториите на општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани и Ресен.
Единицата имала од 2 до 3 интервенции годишно, а со самото трансформирање, откако станала служба бројката во последните три години се зголемила на 11 интервенции. Само во последнава година пак, тие имале и 32 повици на нивниот телефон, од кои 9 биле интервенции, додека другите биле асистенции.
Пред три години тие направиле студија за финансиска одржливост според која предвидела 50% од трошоците да ги покриваат локалните самоуправи, 30% да ги покрива државата преку ДЗС, додека останатите 20% предвиделе дека би се обезбедувале преку давање услуги и наплата за странски државјани.
Како што објаснува Додевски, услугите за македонските државјани и странците се бесплатни, затоа што не е регулиран нивниот ценовник, а кога тоа ќе биде завршено, вели дека ваквите услуги ќе се наплаќаат само на странците, кои најчесто се покриени со нивното осигурување кога патуваат.
„Најлогично и она што е насекаде во светот пример, службите за спасување за граѓаните на земјата даваат услуги бесплатно, и тоа мора да е така, затоа што ова е хумана дејност. Ние не сакаме да се доведеме во ситуација да им наплаќаме на граѓаните затоа што сме ги спасиле кога имале најмногу потреба“, вели Додевски.
Сепак, моментално одржливоста на службата останува само на проект на кој тие работат, откако пред повеќе од месец дена не добија помош од општинските власти. Во оваа ситуација, тие можат да ги покриваат трошоците кои ги генерира службата додека е активен нивниот проект, односно до крајот на октомври, следната година.
Уште во 2019 година, како што вели Додевски, студијата за финансиска одржливост била промовирана пред градоначалниците на Охрид, Струга, Дебрца, Ресен и Вевчани.
„Имавме средба во кабинетот на градоначалникот на Охрид, каде што им беше детално презентирана студијата, им беа детално презентирани наодите и моделот за организација на службата. Тогаш, на првата презентација, градоначалниците сите изразија воодушевување од концептот и се согласија дека треба да продолжиме во следна фаза, односно да изнајдеме начини како општините од овој регион ќе се вклучат директно во финансирањето. Инаку, согласно студијата предвидено беше општините да учествуваат со 1 евро по глава на жител годишно, во финансирањето на целокупните трошоци на службата. И повторно ќе речам, ова се 50% од вкупниот буџет кој што е потребен за делување на службата“, објаснува Додевски.
Меѓутоа, и покрај изразената поддршка, ваквата точка на дневниот ред на 31 мај ја поддржал само 1 советник, а против неа бил исто така еден советник, останатите 16 биле воздржани.
„Советниците се изјаснија во дискусијата, односно барем во изјавите за медиуми кои ги дадоа, координаторите на советничките групи дека не биле запознаети со деталните трошоци, што апсолутно не е точно, бидејќи студијата можат да ја симнат од интернет од нашата веб-страница, а во писмена форма им беше доставена на сите, уште пред 2 години. Идејата ми беше, пред 2 години имавме средба со градоначалниците, изразија интерес, потоа имавме уште една средба, за жал, градоначалниците од Струга и Ресен во моментот кажаа дека не се во можност да се вклучат веднаш во иницијативата, но и дека понатаму ја поддржуваат. Градоначалниците на Охрид, Струга и Вевчани потпишаа меморандуми за соработка, од кои меморандуми понатаму требаше да произлезат конкретни договори, одлуки на совет итн..“, вели Додевски.
Најголем непријател на човекот на планина е неговото незнаење
Луѓето кои ја сакаат природата и планината да се едуцираат соодветно и да не штедат време при нивната едукација, објаснува Додевски, додавајќи дека најголемиот непријател на човекот на планина е неговото незнаење.
„Да бидат соодветно опремени за условите и времетраењето кое планираат да го поминат на планина и секако во делот на едукацијата, важно е да ги имаат поминато тие основни обуки за помош и самопомош на планина“, вели тој.
„Најчесто луѓето се движат на планина во група, сега зборуваме за оние рекреативци, бидејќи во нашата работа ние немаме работа само со рекреативци и спортисти на планина, туку често имаме и со луѓе кои изведуваат стопански дејности, дали сеча на шума, со трактор несреќи некаде на терен. Меѓутоа оние кои се движат од рекреативни причини, најчесто се движат во групи, да продолжат да се движат така, секогаш да имаат соодветна подготвеност, соодветно количество храна и течности со нив, да имаат секогаш телефон со полна батерија за да можат да повикаат помош во случај на несреќа“, објаснува тој.
Во случај на несреќа, како што вели тој, најважно е да се укаже нужна прва помош на лице место, односно тие кои се дел од група во која се случила несреќа е нужно да имаат познавање за укажување на основна прва помош, а потоа е важно веднаш да повикаат помош.
„Во случај на несреќи кога станува збор за пад од висина или несреќи кога станува збор за поголема брзина, како на пример велосипедски несреќи, со АТВ возила и слично, да не ги поместуваат повредените иако навидум изгледаат дека се во добра здравствена состојба, бидејќи големите брзини најчести предизвикуваат скриени повреди кои можат понатаму да ја усложнат состојбата на повредените, веднаш да повикаат помош, да укажат прва помош во случај на крварење или престанок на работа на срце, меѓутоа понатаму да чекаат посебен третман од страна на нашите тимови“, додава тој.
Мартин Колоски