По вчерашната прес-конференција во Филхармонија поради внатрешната поделба на вработените по повод новоформираниот Национален оркестар за џез музика, односно неговото функционирање под ист покрив со Филхармонијата, реакција испратија и од Здружението на џез музичари (ЗЏМ)
Оттаму велат дека се уморни и ова е последно нивно обраќање до јавноста, бидејќи сметаат дека веќе сè е кажано.
„Сметаме дека во нашите последни соопштенија бевме приморани да ја известиме јавноста за ситуацијата. Секако, гледано на нештата од наш агол, кој не е институционален, а со тоа уште помалку во позиција да одлучуваме за било каков процес. Ние, едноставно сакавме да изнесеме неколку поенти од кои онаа, можеби најбитната, е таа дека во Скопје, во моментов, постојат две концертни сали кои одговараат на изведувачкиот концертен карактер на нашиот оркестар“, велат од ЗЏМ.
Оттаму дополнуваат дека тоа се МОБ и Филхармонија, а додека не се појави нова концертна сала, ќе мораат некаде да ги одржуваат пробите и концертите.
„Уште еднаш сакаме да потенцираме дека со нашата работа нема да се наруши комодитетот на било кој од вработените во Филхармонија. Најважно од сè е, тоа што ние сè уште не добивме ниту еден релевантен аргумент дека нашето евентуално работење во зградата ќе го попречи работењето на оркестарот на Филхармонија“, велат од Здружението.
Од ЗЏМ повикуваат сите засегнати од т.н. „Национална културна мело-драма “, да се однесуваат достоинствено, колегијално, солидарно, да ги согледаат фактите и да се соочат со реалната состојба, до изнаоѓање на конечно решение.
„Животот е прекраток за да ни минува во чудесни расправии и исправање превртени разговори и неосновани размислувања. Ајде да најдеме решение во кое никој нема да биде загрозен. Ние, како Оркестар за џез музика, ја покажавме нашата флексибилност со која гарантираме дека работата на Филхармонија нема да биде загрозена од ниту еден аспект и во ниту еден случај. Со надеж дека овој лош сон ќе заврши наскоро и во најбрз можен рок ќе почнеме со нашата најважна работа, музиката. Музиката секогаш ќе најде начин, но Ве молиме немојте да ни ги кратите крилјата уште на сам почеток“, се вели во реакцијата на Здружението.
Иванова: Никој од Филхармонија не беше известен дека НЏМ ќе биде сместен во истите простории