Претставниците на Зелен хуман град, светниците Драгана Велковска и Горјан Јовановски, денеска преку архивата на Град Скопје пренесоа буџетски предлози за зелено и хумано Скопје, кои произлегоа од Граѓанскиот буџетски форум што се одржа изминатиов викенд.
„Секоја генерација си има своја битка. Нашата е да си го вратиме Скопје. Предолго управувањето со овој град е во рацете на мала група на луѓе кои не се водат од начелото на заштита на јавниот интерес. Последиците сите ги чувствуваме. Затоа, симболично на 13 Ноември, денот на ослободувањето на Скопје, Иницијативата Зелен хуман град го одржа Граѓанскиот буџетски форум на кој беше поднесен вкупно 31 предлог за одржлив и праведен развој на градот. Новина е што оваа година за разлика од претходниот Граѓански буџетски форум, вклучивме и три најгласани предлози од нашата платформа за директна демократија МојГрад. Вкупниот износ потребен за реализација на сите поднесени предлози од четиринаесет активистички групи е некаде околу една милијарда денари, што претставува една седмина од целосниот буџет на Град Скопје“, соопшти Зелен хуман град.
Од таму информираат дека на самиот форум своите предлози ги образложија Ана Петровска, НаТочак, Хумани градови, ЕдуАктив Орг, Е.Д.Е.Н., Ајде Македонија, Мама Органа, Биди Зелен, Меѓаши, Мој Воздух, Културно Ехо, Ромалитико, Полио плус.
„Се предлагаше инвестирање во фотоволтаична централа; субвенции за фотоволтаични системи; обезбедување енергетска ефикасност на објектите под надлежност на Градот; довршување на Зелениот катастар и конципирање Стратегија за развој на зеленилото во Скопје што ќе послужат како основа за заштита на зеленилото при изработката на претстојниот Генерален урбанистички план на Скопје; локална хипермрежа од мерни станици за аерозагадување; противпожарна станица во Шуто Оризари; воспоставување општински биокомпостари; градска народна кујна; оптимизирање на велоинфраструктурата; изработка на стратешки документ Визија нула; редовен ден без автомобили; примарна селекција на пластика и хартија во домаќинствата; работилница за рециклирање на отпадна пластика; пасивни училишта; стратегии за лица со попреченост и за унапредување на правата на децата; студија за пренамена на напуштениот индустриски комплекс ‘Купрум’ во студентски град; урбани градини во училишта; субвенции за стерилизација/кастрација на (вдомени) бездомни животни; трансформација на скопската Зоолошка во центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови животни; заменување на коњите со еко-превозни средства; куќарки за бездомни животни“, велат од Зелен хуман град.
Голем дел од предлозите беа доставени и на минатогодишниот Граѓански буџетски форум, но, велат тие, минатото раководство немало никаков слух за нивна реализација иако доминантно се работи за зелени инвестиции со кои сметаат не само што ќе се влијае на намалување на сиромаштијата, туку ќе се обезбеди повисок квалитет на живот во целина.
„Очекуваме целосна соработка и конструктивност од новата градоначалничка на Град Скопје, како и од новото мнозинство. Скопјани мора да бидат делотворно вклучени во процесот на одредување на приоритетите кои ќе бидат финансирани од нашите заеднички пари“, се вели во соопштението.