Деновиве кога Македонија се најде на врвот од најзагадени земји во светот, гледаме обид на индустријата да си овозможи уште повеќе да гори отпад така што повторно ќе ѝ се дозволи законски увоз на отпад за горење. Медиумите се преплавени со написи за менување на регулативата за индустријата да може слободно да увезува отпад за горење за да биде „поконкурентна, реагира Зелен Хуман Град (ЗХГ).
Од таму велат дека спалувањето на отпадот е спротивно на концептот нула отпад.
„Тоа е штетен, загадувачки, скап и неефикасен процес кој ги заробува градовите во безизлезна ситуација со тоа што тие се принудени да произведуваат многу отпад за да го нахранат инцинераторот, поткопувајќи ги напорите за намалување на создавањето отпад или зголемување на стапките на рециклирање“, соопштува ЗХГ.
Според ЗХГ, втор голем проблем со спалувањето отпад е што за еден таков процес високоризичен по човековото здравје е неопходно да постојат институции и држава, што, велат тие, со Македонија не е случај.
„Дури и тие земји каде што системот функционира имаат проблем со остатоците од процесот на инцинерација (спалување) и увезување на отпадот. Лекарската комора на Словенија има изјавено дека во емисиите од инцинераторите има многу токсини опасни за бремените жени и за развојот на децата кои предизвикуваат голем број на болести и случаи на прерана смрт“, велат од ЗХГ.
Тие посочуваат дека во услови на отсуство на институции, најдоброто што можеме да го направиме со отпадот што не се биокомпостира, а „гние“ по депониите, е да го извезуваме зашто постојат земји што купуваат, а каде што институциите и законите функционираат.
ЗХГ смета дека нашиот фокус мора да биде на одржливост – на концептот на нула отпад. Затоа, тие предлагаат неколку решенија.
„Прв чекор за намалување на отпадот (од кој околу 70% е биоотпад во МК) е посветено инвестирање во биокомпостари кои истовремено произведуваат и компост и биогас; Исфрлање на пластиката за еднократна употреба; Воведување сеопфатни програми за рециклирање и реупотреба на соодветните текови на отпад заедно со редизајнирање на производите кои ги користиме со цел тие да ја хранат, наместо да ја подриваат, циркуларната економија; Инвестирање во масовна системска едукација за правилно селектирање на отпадот со што ќе се максимизира ефективноста на капацитетите за рециклирање и биокомпостирање; Конечно решавање на проблемот со канализацијата и искористувањето на процесот на пречистување на отпадни води како ресурс за биокомпостирање; Паралелни инвестиции во искористување на сите податливи кровни површини за поставување фотоволтаични системи и врзување на биогасот и соларната енергија во еден интегриран систем на производство на електрична енергија од обновливи извори; Субвенционирање на домаќинствата и малите бизниси да постават фотоволтаични системи и да се вклучат во домашното производство на електрична енергија при што произведениот вишок електрична енергија ќе им се плаќа по фер цена; Измена на регулативата со која ќе се оневозможи сегашниот монопол нa универзалниот снабдувач ЕВН; Залудно во моментов домаќинствата и правните лица може да постават фотоволтаични системи кога никој не им обезбедува двонасочни броила и кога мора да се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар, а не од ЕВН, за да смее да го продаваат вишокот произведена струја“, стои во соопштението на ЗХГ.