Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) – институцијата што во отруена и масакрирана Македонија би требало да чувствува најголема одговорност и да биде најголем сојузник на граѓаните – нѐ блокирала на Фејсбук и ја исклучила опцијата за коментирање на нивните објави. Денес објавија само дел од информациите што ги баравме – едно решение од спроведен инспекциски надзор во рудникот Тораница, реагираат од граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град, откако имаше излевање од рудникот во Крива Река и Тораничка.
Нивната реакција ја пренесуваме интегрално:
„ДИЖС донел Решение со кое го задолжил рудникот Тораница самостојно да го процени загадувањето и за тоа му овозможил рок од цели 15 дена од денот на прием на Решението, а за најдоцна 18 дена од денот на прием на Решението го задолжил да го извести инспекторатот дали го проценил загадувањето. И – толку! Никаде во Решението не се спомнува ни парична казна ни прекршок од 3 категорија според Закон за животна средина како што се наведува во ФБ објавата на ДИЖС од 28 март 2025 г.
Подетално:
-Задолжението од објавеното Решение звучи како ДИЖС воопшто да не се свесни за последиците што се резултат на ваков тип на хаварија и следствено за сопствената одговорност во ситуацијата.
-ДИЖС никаде во Решението не го наведува членот од Законот за животна средина според кој загадувачите се должни и да ја платат направената штета и да ја реституираат животната средина.
-Во Решението не се наведува дека инспекторите довеле акредитирана лабораторија ангажирана на тендер за 2025 г. за да земат примероци од затруената вода што им е обврска по Законот за инспекциски надзор.
-Не е наведено дали имало инспектор за заштита на природа кој извршил увид и констатирал дека нема помор на риби.
-Во Решението фигурира само еден инспектор кој го спровел надзорот – Зоран Стојнев, државен инспектор за животна средина што е спротивна информација на ФБ објавата на ДИЖС.
-Во ФБ објавата од 28 март на ДИЖС се наведува дека инспекцискиот надзор го спровеле двајца државни инспектори за животна средина и еден државен водостопански инспектор. Зошто тие не фигурираат никаде во Решението?!
-Во Решението се задолжува Булмак да ги доведе емисиите во границите на граничните вредности утврдени со А-интегрираната дозвола. Во таа дозвола стои дека Булмак врши мерења на емисиите во вода еднаш неделно, но податок од такви мерења не е вклучен во Решението што фрла сомнеж дали обврските од дозволата воопшто се спроведуваат како што е пропишано. Следствено, немаме никакви податоци за да споредиме какви биле емисиите од рудникот пред хаваријата и по неа!
-Никаде во Решението не се спомнува дали Булмак има План за хаварија на хидројаловиште и пулповод, дали процедурите од тој план се испочитувани или не се. Вакви планови требало да бидат доставени до МЖСПП во 2017 г.
-Во објавеното Решение има четири датуми 14 март, 17 март, 14 февруари и 14 август 2025 г. Се работи за четири одделни надзори или за четири несмасни грешки што сметаме дека во документ од ваков карактер се недозволиви!
Решението од ДИЖС освен што е полно со печатни грешки, содржи и безброј небулози и ја прикажува институцијата во нејзиното вистинско светло – на страната на крупниот капитал, наместо на страната на јавниот интерес.
Затоа, Зелен Хуман Град достави барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до Државниот инспекторат за животна средина и до Министерството за животна средина и просторно планирање. Бараме:
1.Да ни се достават сите акти од инспекциски надзор спроведен во БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница во последните 10 години, вклучително записниците, не само решенијата.
2.Зошто не се земени примероци за анализа при инспекцискиот надзор кога е тоа законска обврска на инспекторите?
3.Зошто ДИЖС нема ни објавено оглас за јавна набавка на лабораториски услуги за испитување на вода, воздух, отпад и др. за 2025 година?
4.Зошто не е искористена Централната лабораторија на МЖСПП кога според јавно достапни информации веќе има 11 акредитирани методи за испитување квалитет на вода?
5.Каква одговорност ќе сноси/ат инспекторот/ите вклучени во надзорот, како и директорката на ДИЖС со оглед на тоа што се направени големи пропусти во работењето и со тоа се загрозени здравјето и животот на граѓаните?
6.Дали ДИЖС ќе побара и ќе отпочне постапки за кривична одговорност за своите вработени кои несовесно работеле и/или ја злоупотребиле службената положба?
7.Министерството за животна средина и просторно планирање да ни ги достави и јавно да ги објави податоците од мерењата на неделно ниво за изминатите 6 месеци на кои Булмак се обврзани според А-интегрираната дозвола.
Се обративме и до Центарот за јавно здравје во Куманово, кој е надлежен и за Крива Паланка и за Кратово и побаравме од нив информација дали ја спровеле својата законска обврска и направиле анализа и евалуација на здравствено-еколошките и санитарните услови со процена на ризик, како и дали предложиле мерки за надминување на јавно-здравствените проблеми во согласност со Законот за јавно здравје. Доколку ги спровеле анализите, побаравме јавно да ги објават податоците, доколку не, каква одговорност ќе сносат одговорните лица со оглед дека хаваријата во рудникот Тораница може да предизвика долгорочни штетни последици по животот и здравјето на граѓаните.
Дополнително, испративме барање за слободен пристап до информации од јавен карактер и до Општина Крива Паланка чијшто градоначалник на прес-конференција на 28 март објави податоци од мерење извршено од лабораторијата Технолаб, бараме да го добиеме извештајот од мерењата, односно тој јавно да се објави за да може да го види секој граѓанин бидејќи е платен со јавни пари.
Патриотизмот се покажува со дела! Патриотизам е да видиме вистинска разлика во работењето наместо очајни репризи од минатото. Институциите се на потег“, се вели во реакцијата.