Советниците од Зелен хуман град во Советот на град Скопје имаат предлог да се поништи Одлуката за донесување на Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт СЗ 19 со која сметаат дека ќе се бетонизира населбата Влае 2.
Граѓаните здружени во Иницијативата „Борба за Влае“ кои изминатиот период одржаа неколку протести против носењето на планот со кој тврдат дека ќе се избришат единствените зелени простори во овој дел од градот, информираа дека оствариле средби со советниците од скоро сите советнички групи во Советот на Скопје.
Досега, како што соопштија, добиле потврдни одговори од претставници на советничките групи на СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, Левица, Алијанса на Албанците, ЛДП, ДОМ, НСДП и предлагачите Зелен Хуман Град, додека не успеале да стапат во контакт со советничките групи на ДУИ и „За модерно Скопје“ (нова фракција создадена од член на ГРОМ и екс-членка на ВМРО ДПМНЕ).
„Им ги објаснивме штетите кои произлегуваат од предлог ДУПот за Влае 2, за кој Градоначалникот на Карпош се вади дека е проектиран бидејќи е обврзан од регулацискиот план донесен од Град Скопје во 2021. Затоа се обидуваме да го поништиме тој Регулациски план за градоначалникот (кој тврди дека има искрени намери за населбата но рацете му се врзани) да не мора да бетонизира зеленило и да црта објекти од комерцијален и станбен карактер на државно земјиште кое пополека се приватизира од страна на негови соработници“, велат од Инцијативата.
Седницата на која треба да се разговара за предлогот ќе се одржи во четврток (20 јули).
Од „Зелен хуман град“ се надеваат на поддршка од сите советнички групи со цел, како што рекоа, да се заштити јавниот интерес.
„Предлагаме да се поништи овој штетен плански документ за да се спречи понатамошно зголемување на ризикот по здравјето и безбедноста, пред сѐ, на децата од ОУ „Димо Хаџи Димов“, но и на сите скопјани кои гравитираат на тој потег“, изјавија оттаму.