„Уставниот суд утре ќе одлучува по иницијатива поднесена од група граѓани, главно претставници на независни листи од последните локални избори во Македонија. Нашите Драгана и Горјан се меѓу подносителите на иницијативата“, велат од Зелен хуман град (ЗХГ), од каде потенцираат дека со иницијативата бараат Уставниот суд да ги укине или да ги поништи измените на Изборниот законик од март 2024 година со кои драстично се зголеми потребниот број на потписи за кандидирање на независните листи на избори, додека потребниот број на потписници за политичка партија остана ист.
„За Град Скопје со зголемувањето на прагот на 1% во рок од само 15 дена треба да се соберат скоро 5.000 потписи, колку што на локалните избори во 2017 г. ‘тежел’ еден советнички мандат“, забележуваат од ЗХГ.
Потенцираат, суштинската препорака од Венецијанската комисија во согласност со Кодексот за добри изборни практики е дека измените поврзани со прагот за собирање на потписи за кандидатура не смее да бидат пречка за кандидирање на граѓаните за јавни функции.
Истото го пишува и во член 23 од македонскиот Устав „секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции“.
„Но, со измените на Изборниот законик од март минатата година ефективно се попречува учеството на независни кандидати на избори што е крајно дискриминирачки и го опструира политичкиот плурализам. Измените, како што е практика во Македонија за сите политички партии на власт, беа донесени по скратена постапка и со целосна исклученост на јавноста. За споредба, за основање на една политичка партија и понатаму се доволни само 1.000 потписници, а рокот за собирање на овие потписи е цели 90 дена“, стои во соопштението на Зелен хуман град.
Инаку, подносители на иницијативата се Лилјана Поповска, Ѓорѓи Танушев, Костадин Ристоманов, Стојанчо Велков, Невена Георгиевска, Татјана Стојановска, Дејан Димитровски, Драгана Велковска, Горјан Јовановски, Јана Белчева-Андреевска и Јане Димески преку полномошник адмокатска канцеларија Петрушева.
Со иницијативата се оспоруваат членовите 17 и 18 од измените на Изборниот законик од 7 март 2024 година. Радио МОФ веќе пишуваше дека ваквите измени Собранието ги изгласа здружено со 84 гласа „за“ и само 2 „воздржани“, па уште тогаш независните листи остро реагираа дека со ова практично се исфрлаат од игра нивните независни кандидати и се спречуваат да учествуваат на сите следни избори на локално и национално ниво.
Односно, како што некои од независните тогаш коментираа, тие практично се туркани кон тоа да размислуваат дали можеби да се регистрираат како партии, што им оди во прилог на големите партии, со цел да се обесхрабруваат граѓанските иницијативи.
Големите ги туркаат малите од независните листи за да формираат партии
Бојан Шашевски