Зелен Хуман Град утре повикува на протестен марш: Непростливи се институционалните пропусти за Тораница

Бараме одговори и одговорност веднаш, велат од граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град (ЗХГ), која утре (12 април) од 12:30 часот најавува мирен протестен марш што ќе почне пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а ќе заврши кај Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

„Рокот измина, институциите не само што не одговорија на нашите барања за истекувањето на токсични материи предизвикано од рудникот Тораница, туку и в.д. директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, јавно кажа дека инспекторите не зеле мостри зашто ‘очигледно е дека имало еколошки инцидент, не треба инспекторите сега со мостри да видат дали има, гледаат дека има!’“, велат активистите од ЗХГ.

Во целата оваа трагедија, велат тие, единствено очигледно е дека има непростливи институционални пропусти, а активистите ги интересира кој од службените лица ќе одговара за нив.

„Искрено, веќе не е битно дали си од партија или независен, дали си еко-активист или ‘сеедно ти е’, дали си стар, млад, жена, маж, дете, маче, куче. Не е битно зошто водата што ја пиеме, храната што ја јадеме и воздухот што го дишеме – ќе нѐ убијат сите! Групите кои се членки на Зелен Хуман Град речиси 15 години континуирано протестираат за своите каузи без оглед кој е на власт!“, велат оттаму.

Истовремено, се обраќаат до сограѓани кои се членови на партиите на власт, порачувајќи „партијата нема да ве спаси ниту вас ниту вашите најмили од болести, партијата нема да ве спаси од умирачка“.

„Не молчете! Бидете гласни внатре во партијата! Не им дозволувајте на вашите сопартијци поради лична придобивка да ви ги загрозуваат животите! Побарајте одговорност од секој член на вашата партија што се сомневате дека сака да го прикрие труењето од Тораница! Од Крива Река и од Тораничка се наводнуваат посеви, се напојува добиток! Сите сме загрозени! Излезете на улица, не сте ничии робови, раководните лица во партијата не ви се господари! Борете се принципиелно за сопственото право на здравје, за сопственото право на живот! Дојдете со нас, сите заедно да побараме одговорност, транспарентност и итни мерки за заштита на нашето здравје и животната средина. Ако институциите сакаат да нè блокираат на социјални медиуми, ќе им дојдеме ние на врата за да нè чујат! Дојди со нас, заедно и гласно да ги потсетиме институциите зошто постојат, кој ги плаќа и кому треба да му служат!“, стои во повикот на Зелен Хуман Град.

Инаку, Зелен Хуман Град е група посветена на обединување на граѓаните и активистите околу конкретни проекти за подобрување на квалитетот на живот, со фокус на чиста животна средина, социјална правда, одржлив развој, урбана мобилност и заштита на животните во Скопје и пошироко.

„Се залагаме за транспарентни и инклузивни институции кои работат во служба на граѓаните“, соопштуваат активистите од ЗХГ.