Зелен Хуман Град за случајот со рудникот Тораница: Партиите на власт упорно се коцкаат со нашите животи

За труењето предизвикано од рудникот Тораница знаеме само зашто се спротивставени политичките партии на локално и на централно ниво – градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митковски е од СДСМ, Државниот инспекторат за животна средина е на коалицијата на власт – ВЛЕН и ВМРО ДПМНЕ, соопштуваат од граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град (ЗХГ).

„Вака не изгледа неселективна борба со корупција, вака изгледа меѓупартиска пресметка која продолжува да генерира невини жртви во Македонија и да се коцка со нашите животи“, реагираат активистите.

Со оглед дека министерот Меџити изјави дека „инсистира на целосна транспарентност и одговорност“, бараат веднаш јавно да се сподели Извештајот од Државниот инспекторат за животна средина од вонреден надзор извршен на 24 март 2025 година. Исто така, Извештај од ангажираната независна лабораторија од градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

„Градоначалникот на Крива Паланка побара Јавното обвинителство да постапи и да го гони сторителот според Кривичниот законик. Доколку е вистина дека според извештајот од ангажираната независна лабораторија се исполнуваат битијата на членовите 218, 219 и 233 од Кривичниот законик, одговорните лица од рудникот може да бидат казнети и со затвор од најмногу 10 години! Дури и да се бранат со небрежност – се предвидува максимална затворска казна до 3 години!“, забележуваат активистите.

Од ЗХГ велат дека тројцата инспектори од ДИЖС кои го вршеле вонредниот надзор не земале примероци за анализи, што според активистите значи дека не си ја извршиле својата должност, односно постапиле несовесно во службата или ја злоупотребиле службената должност и положбата за да го заштитат сторителот, што се кривични дела казниви со затвор и до 5 години.

„Што знаеме до сега? Прво, државниот инспекторат во својата објава на ФБ безмалку папагалски ја повторува изјавата на сторителот – дека водата не е загадена, само е ’заматена’. Никаде во изјавата нема информација дека ДИЖС ја прогласува водата за незагадена врз основа на извршена анализа на собрани примероци што им е обврска по Законот за инспекциски надзор“, посочува ЗХГ во својата објава.

Како второ, велат тие, градоначалникот на Крива Паланка ја ангажирал лабораторијата „Технолаб“ за да изврши анализа на мостри од водата и тоа 1 ден по хаваријата. Во резултатите од таа анализа е утврдено 10 пати поголемо присуство на олово од дозволеното и стотици пати поголема концентрација на цијанид, фосфор и азот.

„Трето, ниту извештајот од Државниот инспекторат за животна средина, ниту анализата од ’Технолаб’ не се јавно достапни. Со актуелната поставеност на Законот за животна средина, единствено е можна привремена забрана за вршење дејност во период од најмногу 30 дена. Во 2007 година мнозинството во Собранието го избришало членот 213 од Законот за животна средина според кој забраната за вршење дејност на правното лице можела да се изрече и за период од најмногу 3 години!“, потенцираат активистите.

Како петто, велат дека со искористувањето на можноста за спогодба од Законот за животната средина, сторителот ја избегнува судската постапка, секако во согласност со закон и со тоа ја елиминира можноста од членот 96-б од Кривичниот закон, според кој судот има надлежност да изрече трајна забрана за вршење одделна дејност или престанок на правното лице доколку оцени дека постои опасност сторителот во иднина да го повтори делото.

„ДИЖС во својата објава на ФБ известува дека правното лице БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка потпишало спогодба со Државниот инспекторат за животна средина, со што според закон, му се овозможува глобата да биде намалена до половина од износот на пропишаниот минимум на глобата за прекршокот. Оттука, имајќи ги предвид и горенаведените аргументи, сторителот може да плати и мизерни 100 илјади денари за прекршокот и веднаш да продолжи да работи! Имајќи предвид дека се работи за потенцијални кривични дела, бараме МВР по службена должност да започне истрага и да покрене соодветни постапки вклучително против актуелни функционери ако коалицијата ВЛЕН-ВМРО која е моментално на власт сака да почне да наликува на администрација која навистина работи во корист на граѓаните, а не за лични интереси кои нас, обичните смртници, нѐ чинат животи!“, стои во реакцијата на Зелен Хуман Град.

Инаку, за случајот стигна и реакција од „О2 Иницијатива“, од каде меѓу другото побараа истрага од Обивинителство, а Инспекциски совет и Министерството за животна средина (МЖСПП) да го испита делувањето на инспекторите. Воедно, со оглед дека ова е трето прекршување, побараа МЖСПП да ја одземе А интегрираната еколошка дозвола на „Булмак 2016“.

„02 Иницијатива“ бара истрага од Обинителство за излевањето во Крива река и Тораница, а МЖСПП да ја одземе дозволата на „Булмак 2016“